БОРБА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА ВО УЧИЛИШТАТА: Преку мобилна апликација безбедно ќе се пријавуваат неправилности

Vecer | 28.10.2026

БОРБА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА ВО УЧИЛИШТАТА: Преку мобилна апликација безбедно ќе се пријавуваат неправилности

Учениците, наставниците и родителите добија прирачник за тоа како да препознаат корупција и неправилности во образованието, како и дигитална алатка – апликација „Глас против корупција“, на која може безбедно да ги пријават случаите кај надлежните институции – беше соопштено на денешниот Национален форум „Млади за интегритет – од гласот на младите до институционални промени“, што се одржа во Скопје.

Бојана Мијовиќ Христовска од невладината организација „Аналитика“ рече дека веќе втора година се работи овој проект во кој се вклучени млади од осум региони.

– Работевме во Струга, Делчево, Ресен, Демир Капија, Крива Паланка, Струмица, Гостивар и Скопје. ​Изработивме прирачник што ќе им послужи на наставници, ученици и родители, што е богат со едукативни содржини со насоки за превенција, спречување и постапување во случај на неправилности и конкретни механизми за обезбедување на средина на одговорност, чесност и транспарентност, односно како учениците треба да се однесуваат спрема соучениците, спрема наставниците и така натаму – појасни Мијовиќ Христовска.

Таа информираше дека е надоградена мобилната апликација „Глас против корупција“ за пријавување на корупција.

– Ова е дигитална алатка. Сакаме да понудиме дигитални алатки коишто се блиски и практични до младите. Истовремено ги вклучивме директно младите во нашите активности, и да им обезбедиме средина каде што можат да делуваат врз одлуките кои се носат во јавниот живот – нагласи Мијовиќ Христовска.

Минатата година имале податок дека 51 отсто од наставниците и од учениците би се охрабриле да пријават доколку има безбедна алатка.

– Мобилната апликација е токму тоа – безбеден начин за пријавување. Секако, треба да се работи, затоа и ова го правиме, за да вршиме едукација, за да ги запознаваме, за да ја подигаме свеста за тоа што значи и како се пријавува неправилност – рече таа.

Министерката за образование Весна Јаневска се заблагодари на „Аналитика“ за спроведување на овој проект, со поддршка на германската Влада и германската Амбасада во земјава, затоа што, нагласи, е од исклучително значење за целото општество и служи за подигање на свеста кај младите во борбата против корупцијата.

– Во минатото имаше примери на пријавена корупција во високото образование и одреден број на професори, за кои беше докажано такво однесување, ги поднесоа последиците според закон, така како што следи. Иако се зборува во јавноста, дека постојат, сè уште, одредени такви примери – нема пријавено, нема конкретни пријави на кои би можело да се постапува. Во моментот кога ќе ги добиеме, ние, секако, дека ќе постапиме по закон – нагласи Јаневска.

Таа додаде дека и на анонимни пријави, доколку постои некаква неправилност во работењето на училиштата, Државниот просветен инспекторат ќе постапи и ќе ги испита пријавите.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk