Полициски службеници од СВР Скопје вчера уапсија четири лица кои се сомничат за две кривични дела „разбојништво” со последица смрт, објави МВР на својата страница на Фејсбук.
Уапсени се лицата А.С.(22), Х.Е.(20), К.А.(58) од Скопје, како и М.Р.(26) од Струмица. Тие се товарат според член 237 став 5 од Кривичниот законик. Едното кривично дело е едно извршено на територија на скопската населба Хром на 22.10.2026, а второто во населбата Ѓорче Петров на 27.10.2026.
„Во координација и по издадени Наредби од ОЈО Скопје, а со цел комплетирање на целокупниот доказен материјал за понатамошна постапка, за лицата е побаран краткотраен притвор согласно член 170 вв член 165 од Законот за кривична постапка, по што ќе биде поднесена соодветна кривична пријава“ – соопшти МВР.
Како што веќе објавивме, вчераутро во Ѓорче Петров беше пронајдено безживотно тело на 76-годишна жена. Телото со видливи траги од насилство го пронашла нејзината ќерка која веднаш пријавила во полиција. Според соседите, жената три години живеела сама, а последен пат била видена завчера. Во текот на ноќта, пред да биде пронајдена мртва, соседите не забележале ништо невообичаено.
Минатата недела МВР информираше дека 62-годишен маж со траги на насилство е пронајден во сопствениот дом во населбата Хром. Според неофицијални информации од истрагата, мотивот за двете убиства бил стекнување материјална корист.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата