Воведувањето вињетки во Македонија драстично ќе го поскапи патувањето, зашто преку 70% од возилата не излегуваат од општината во која се регистрирани, рече денеска вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
Според Николоски, студијата што е направена говори дека автопати и експресни патишта користат околу 30% од возилата во земјава.
– Кога би се вовел ваков систем, обврската би била за сите и тогаш тоа би значело сериозно поскапување на регистрацијата на возилата, имајќи предвид дека нашите два коридора, 8 и 10, се пан-европски и главно се користат транзит. Оние големи суми за патарини кога ќе ги слушнете, од кои ги градиме автопати и експресните патишта, во суштина во сериозен процент се од транзит патници, односно од патници кои не се од Македонија. На пример, коридорот 10 има 10 милиони патници годишно или околу 4,5 милиони возила, а Македонија има 1,8 милиони жители, така што мислам дека е се јасно – рече Николоски.
Одговорајќи на прашање на една од компаниите на денешниот форум на Германско-македонското стопанско здружение, дали се во план некаков тип стимулации или воведување годишни вињетки за компаниите чии вработени патуваат секој ден од Скопје и назад, вицепремиерот се согласи дека ова е добра идеја која ќе биде разгледана со Јавното претпријатие за државни патишта.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата