logo
logo
logo

НАРОД СЕ СОБРА ВО БРВЕНИЦА, НЕМА ДА БИДЕ МАРИХУАНА МАКЕДОНИЈА (ФОТО+ВИДЕО)

Vecer | 28.09.2026

НАРОД СЕ СОБРА ВО БРВЕНИЦА, НЕМА ДА БИДЕ МАРИХУАНА МАКЕДОНИЈА (ФОТО+ВИДЕО)

На вечерашниот митинг во општина Брвеница, во рамките на претстојните вонредни локални избори, под слоганот „Една Брвеница за сите! Да ја сочуваме силата на единството!“ се обрати кандидатот за градоначалникот од ВМРО-ДПМНЕ, Стојанчо Радичевски, кој истакна дека ја очекува поддршката од граѓаните за реализација на проекти и инвестиции и континуиран развој на Брвеница.

„Ова е избор помеѓу продолжување на работата и враќање наназад, помеѓу транспарентност и неизвесност. Затоа ве повикувам на единство, да ги завршиме проектите за подобри улици, подобри училишта, подобри услови за секое семејство во нашата општина. Ветувам дека ќе продолжиме да работиме посветено, транспарентно и чесно, за поубава општина Брвеница која се развива, со подобри услови за сите нејзини жители, без разлика на возраст, потекло или политичко уверување“, рече Радичевски.

Кандидатот за градоначалник, Радически нагласи дека програмата за која ја бара поддршката од граѓаните не е листа на ветувања, туку продолжување со конкретни проекти, со рокови и извори на средства, кои ќе се реализираат во интерес на граѓаните.

„За инфраструктурата, ветувам дека ќе продолжиме со изградба, реконструкција и рехабилитација на локалните патишта во Челопек, Теново, Стенче, Волковија и Блаце, како и со доизградба на канализациските мрежи во Седларце, Брвеница, Челопек, Блаце и Милетино. Планираме доградба и реконструкција на општинската зграда, изградба на систем за водоснабдување во Челопек и развој на инфраструктура во индустриската зона „Брвеница”, за да привлечеме нови инвестиции и нови работни места за нашите сограѓани. За младите и економијата, отвораме локален иновациски фонд „Млади со идеи”, бизнис-инкубатор „Мој бизнис, моја општина”, центар за знаење и практични вештини, и програми за поддршка на женското претприемништво и руралниот развој преку „Село со бизнис”. Не заборавам ниту на најмладите и најстарите. Градиме нова детска градинка во Челопек, ја доградуваме градинката во Брвеница, отвораме дом за стари лица со капацитет до педесет корисници, и ќе инвестираме во енергетска ефикасност и пристапност на училиштата за децата со посебни потреби. Во дигиталната ера, воспоставуваме бесплатен интернет на јавни места, платформа за е-услуги, систем на отворени податоци и платформа „Ти си дел од процесот” за директно граѓанско учество во одлуките“, посочи Радичевски.

На денешниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Брвеница се обрати претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски кој им одговори на СДС за критиките кон Владата и актуелните инвестициони проекти, посочувајќи дека опозицијата се противи на сè што предлага и реализира власта, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ кое МИА го пренесува интегрално.

„Вчера, токму овде во Брвеница, слушнавме тешки зборови од СДС и нивното водство. Слушнавме дека Македонија одела во погрешна насока, слушнавме обвиненија за рудници, за дата-центри, за странски влијанија, за меѓуетнички поделби, но граѓаните имаат право да слушнат и што стои зад тие зборови. И затоа вечерва сакам да поставам едно многу едноставно прашање до СДС, да кажам една дилема којашто ја имам лично, разбравме дека од СДС се против за се, дека се против Владата, против се за инвестиции, против биле за проектите, кога одиме во САД велат сме имале скриени намери, кога разговараме за инвестиции тие зборуваат за некаква распродажба, кога зборуваме за индустрија и за рударство тие однапред прогласуваат катастрофа, секој ден имаме нови обвинувања, нова прес-конференција која без исклучок е темелена на лаги, измислици, клевети. За што се тие? Тие се за марихуана економија, тоа им лежи најмногу“, рече Мицкоски и додаде:

„Тие се да ја распродаваат Македонија, да им ставите бел лист хартија тие ќе потпишат се само да не треба тие да го платат, само да можат да го платат граѓаните и Македонија, а тие да може што повеќе да украдат од истите и да стават во своите џебови“.

Мицкоски посочи дека зад политиките на СДС не стои грижа за граѓаните и развојот на државата, туку интерес за задржување на влијанието и остварување лични придобивки.

„Тие се да прават таканаречени здравствени установи коишто им горат живи луѓе, а притоа преку нивните инсталации во судско обвинителскиот систем да бидат амнестирани од истите, ете за тоа се тие. Тие се ако може на било кој чекор да украдат, да измислат нешто, но никако не се за да може да ја видат Македонија како се развива, како расте и како може да биде подобро место за живеење“, дециден е Мицкоски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk