Снимаат видеа, ги пласираат на социјалните мрежи и заработуваат, но не се регистрирани и не плаќаат данок на приход. Инфуленсерите, влогерите, креаторите на содржини, јутјуберите и слични даватели на аудиовизуелни медиумски услуги до март годинава мора да се регистрираат во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ). Во спротивно ќе заработат прекршочна пријава.
Од Агенцијата повеќепати повикаа и ги опоменаа креаторите на ваквиот тип содржини да се пријават, но досега само седум лица уредно си ја завршиле обврската, иако бројот на инфлуенсери во Македонија е далеку поголем. Од АВМУ нагласуваат дека со оглед на тоа дека се работи за нова обврска, тие не се веднаш да се почне со санкции, иако првичниот рок за регистрирање заврши на 31 декември 2025.
Во моментов во регистарот на инфлуенсери/влогери/креатори на содржини се евидентирани седум субјекти, меѓутоа треба да се има предвид дека станува збор за нов регулаторен процес, кој е во фаза на воспоставување и имплементација.
Согласно законските обврски, инфлуенсерите веќе требаше да поднесат пријава за евидентирање. Меѓутоа, имајќи предвид дека станува збор за нова обврска, интенцијата на Агенцијата не е веднаш да почне со изрекување санкции. Поради тоа, пред околу две недели беше упатен јавен повик до сите субјекти кои ги исполнуваат условите, да ја извршат регистрацијата во најкраток можен рок“ велат за „Република“ од АВМУ.
Сепак, од АВМУ потврдуваат дека ќе бидат санкционирани сите кои нема да постапат согласно обврските.
Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги предвидува јасен и постепен систем на санкционирање за сите субјекти кои не постапуваат согласно обврските. Во пракса, санкционирањето не започнува веднаш со изрекување парични казни.
Најпрвин, Агенцијата изрекува јавна опомена, со која се укажува на обврската и се остава соодветен рок за усогласување. Доколку и по истекот на тој рок субјектот не постапи согласно Законот, се поведува прекршочна постапка пред надлежен суд. Во таков случај, согласно законските одредби, се предвидува изрекување парична казна во износ од 250 до 500 евра“, укажуваат од АВМУ.
Во процесот на казнување можно е да се вклучи и Управата за јавни приходи, доколку креаторите на содржините на социјалните медиуми не ги измируваат обврските кон оваа институција.
Измените во медиумската легислатива се направени уште во јули 2023 година, кога беше препознаено постоењето и влијанието на инфлуенсерите, влогерите, креаторите на содржини, јутјуберите, односно физичките лица кои се даватели на аудиовизуелни медиумски услуги по барање.
Овие субјекти сега подлежат на регулација и имаат обврска да се регистрираат во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Обврската важи за оние инфлуенсери, влогери, креатори на содржини, јутјубери и слични даватели на аудиовизуелни медиумски услуги на барање кои ги исполнуваат следниве критериуми:
– аудиовизуелните медиумски услуги ги обезбедуваат преку платформи за споделување видеа (на пример Јутјуб, Инстаграм, ТикТок и слично);
– имаат повеќе од 10.000 следбеници или претплатници;
– остваруваат економски интерес од медиумската услуга;
– во последните 12 месеци објавиле најмалку 24 аудиовизуелни содржини;
и целта е да информираат, образуваат, забавуваат и за содржините имаат уредничка одговорност.
Критериумите подетално се објаснети во Правилникот на Агенцијата со кој се уредува формата и содржината на пријавата за евидентирање во Регистарот на даватели на аудиовизуелни услуги по барање.
Со оглед на тоа што станува збор за законска обврска, Агенцијата кон средината на месецов ги повикува сите инфлуенсери, влогери, креатори на содржини и јутјубери кои ги исполнуваат посочените критериуми, во најскоро можно време до Агенцијата да достават пријава за евидентирање во Регистарот.
Инаку се работи за област која и во поширокото опкружување, односно во Европа сè уште не е целосно регулирана, поточно не постои унифициран закон за контрола и регулација на инфлуенсерите. Во ЕУ тоа се прави со повеќе законски акти, сè со цел да се наметне некоја законска рамка за нивното функционирање, а граѓаните да не бидат изманипулирани или измамени.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата