logo
logo
logo

Сулејмани: Наша обврска е да ја чуваме традицијата на „Охридско лето“ и да му овозможиме да расте

Vecer | 20.08.2026

Сулејмани: Наша обврска е да ја чуваме традицијата на „Охридско лето“ и да му овозможиме да расте

Министерот за култура и туризам Седат Сулејмани вчеравечер присуствуваше на концертот со кој беше заокружена музичката програма на 66-тото издание на фестивалот „Охридско лето“.

Во своето обраќање тој истакна дека фестивалот и годинава понуди богата програма и средби со врвни уметници од земјата и светот.

„Со настапот на квартетот „Глам“ од Полска и пијанистот Стен Брекинриџ од Соединетите Американски Држави ја заокружуваме музичката програма на 66-тото издание на фестивалот „Охридско лето“. Од првата вечер до денес, Охрид беше сцена на која се сретнаа различни култури, традиции и уметнички изрази, под отворено небо и на простори со вековна историја. Тоа е суштината на „Охридско лето“ – преку уметноста да ги поврзува луѓето и да отвора нови хоризонти“, рече Сулејмани.

Тој се осврна на почетокот на годинашното фестивалско издание, кое започна со гала-концертот „Љубов“, со настапите на Ермонела Јахо од Албанија и Чарлс Кастроново од САД, во придружба на оркестарот на Националната опера и балет, под диригентство на Марко Боеми.

„Ова фестивалско издание остави зад себе голем број концерти, претстави и средби со врвни уметници. Рекордната посетеност е само потврда дека публиката ја препознава вредноста на фестивалот и дека културата има значајно место во нашето општество“, истакна министерот.

Сулејмани нагласи дека Министерството за култура и туризам останува партнер и поддршка на фестивалот, кој повеќе од шест децении е еден од столбовите на македонскиот културен живот.

„Наша обврска е да ја чуваме оваа традиција, да го поддржуваме врвниот уметнички квалитет и да создадеме услови „Охридско лето“ да продолжи да расте, да се развива и да биде фестивал отворен за сите, за секоја генерација, за секој уметник и за секој љубител на уметноста“, рече Сулејмани.

Со концертот е затворена музичката програма, додека завесата на 66-то издание на „Охридско лето“ ќе биде спуштена вечерва со македонскиот мјузикл „Као какао“, инспириран од музиката на Влатко Стефановски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk