Ловочувар е пронајден мртов со прострелна рана во близина на Виница, а четири лица од група за комерцијален лов се задржани додека трае истрагата за околностите под кои се случил настанот.
Основното јавно обвинителство Кочани изврши увид на лице место каде било пронајдено тело на машко лице со прострелна рана од огнено оружје.
Според првичните информации, станува збор за ловочувар кој бил дел од група за комерцијален лов. Телото било пронајдено во близина на Виница, по што веднаш биле преземени истражни дејствија.
Обвинителството информира дека во тек се активности за обезбедување докази, како и претреси и вештачења на пронајдените траги, со цел да се утврдат сите околности под кои се случил настанот.
Во врска со случајот, задржани се тројца странски и еден македонски државјанин, кои биле дел од групата за комерцијален лов. Надлежните органи испитуваат дали некој од нив бил инволвиран во пукањето.
До целосно расчистување на случајот, лицата ќе останат под надзор на институциите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата