Премиерот Христијан Мицкоски најави дека државната компанија АД ЕСМ ќе понуди иста цена на електричната енергија како и минатата година, со цел да се избегне поскапување на струјата за граѓаните. Тој најави и напори за спречување големо зголемување на цената на парното греење.
Одговарајќи на новинарско прашање за цените на енергенсите, Мицкоски оцени дека состојбата на европските пазари е алармантна, со оглед на високите берзански цени на струјата и гасот. Според него, цената на електричната енергија достигнува и над 400 или 500 евра за мегават-час, додека гасот повторно надминал 90 евра за мегават-час.
Тој посочи дека Владата, преку АД ЕСМ, подготвила деловен модел со кој ќе се задржи досегашната цена на електричната енергија, а компанијата до крајот на 2027 година ќе цели кон остварување добивка.
Во однос на парното греење, Мицкоски рече дека барањето за зголемување на цената е значително, а цената на гасот е трипати повисока од онаа во истиот период минатата година. Сепак, најави дека Владата ќе се обиде да го ограничи поскапувањето на ниво што граѓаните ќе можат да го поднесат.
Мицкоски нагласи дека приоритет на Владата е заштитата на животниот стандард и дека, и покрај тешката состојба на енергетските пазари, засега успеваат да го ублажат притисокот врз цените со мерките што им стојат на располагање.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата