ЈАНЕВСКА ВО ПОСЕТА НА ЈАПОНИЈА: Нови можности за македонските студенти, универзитети и научна соработка

Vecer | 13.11.2026

ЈАНЕВСКА ВО ПОСЕТА НА ЈАПОНИЈА: Нови можности за македонските студенти, универзитети и научна соработка
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Министерката за образование и наука Весна Јаневска престојува во посета на Јапонија, каде што оствари средби со високи претставници на образовни, научни и државни институции, со цел продлабочување на соработката и воспоставување нови партнерства меѓу двете земји.

На средбата со јапонскиот министер за образование, култура, спорт, наука и технологија, Јошихиро Секи, биле разгледани можностите за заеднички иницијативи, особено јапонска поддршка за основање центри за извонредност во Македонија. Јаневска се заблагодарила за досегашната поддршка, стипендиите за македонските студенти и помошта во модернизацијата и опремувањето на училиштата.

Во фокусот на разговорите со генералната директорка на Националниот институт за образовни политики, Мизуе Шиоми, биле унапредувањето на наставата, развојот на критичкото и креативното размислување кај учениците, како и подготовките за меѓународното ПИСА-тестирање.

Јаневска се сретнала и со парламентарната заменик-министеркa за надворешни работи, Икуина Акико, која најавила дека Јапонската организација за надворешна трговија и Јапонската агенција за меѓународна соработка ќе продолжат да работат на изнаоѓање нови можности за партнерство.

За време на посетата на Универзитетот во Токио, министерката разговарала со претседателот на универзитетот, Теруо Фуџи, за соработка со македонските универзитети, заедничко учество во програмата „Хоризонт Европа“, размена на студенти и наставно-научен кадар и воспоставување академски партнерства.

Јаневска остварила средби и во македонската амбасада во Токио, каде што разговарала со поранешниот јапонски амбасадор во Македонија, Казуја Оцука, македонски студенти и јапонски средношколци кои го изучуваат македонскиот јазик.

Посетата се оценува како чекор кон продлабочување на односите меѓу Македонија и Јапонија и отворање нови можности за размена на знаења, искуства и експертиза во образованието и науката.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk