Поранешниот претседател на Градската организација на СДСМ, Васко Кичевски, преку објава на Фејсбук го критикува актуелното раководство на партијата, бидејќи, како што вели, со својот пристап ги оттурнува долгогодишните членови и создава дополнителни поделби во партијата.
„Колку е жално да гледаш како мојата партија ја водат луѓе кои немаат осет за СДСМ. Од група луѓе кои во суштина се СДСМ, луѓе кои не можат да бидат ништо друго освен СДСМ, вие правите противници. Со секој нов ден ги туркате сè поблиску кон создавање нова партија“, пишува Кичевски.
Тој смета дека таквиот однос на раководството кон сопартијците, најверојатно произлегува од страв за сопствените партиски позиции, но, додава дека со тоа дополнително се продлабочуваат поделбите во опозицискиот блок.
Кичевски смета дека наместо јавни напади кон сопартијците, претседателот на партијата Венко Филипче треба да иницира разговор и обединување.
„Tребаше да се подаде рака и да се повикаат на разговор. Не преку некој од младината, туку директно од претседателот. Претседател кој секој ден држи по две до три прес-конференции требаше јавно да ги повика, да седне со нив и да ги праша зошто, ако се гради ваков фронт, тој не е дел од тој процес“, додава Кичевски.
Според него, со ваквото однесување раководството на СДСМ остава впечаток дека е исплашено од новата политичка платформа.
„Наместо да бара обединување, создава нова поделба. А таа поделба само дополнително ќе го влоши резултатот на СДСМ на следните парламентарни избори“, заклучува Кичевски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата