Седум лица се приведени во врска со обидот за опожарување на верскиот објект на Еврејската заедница во Скопје, што се случи на 12 април годинава, информираат денеска од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Лицата се приведени за време на вчерашната акција на МВР и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, во која, по претходно обезбедени наредби, претресени се 13 локации на територија на Скопје. При претресите одземени се предмети и електронски уреди поврзани со кривичното дело.
„По наредба на јавен обвинител, лицата се задржани за понатамошна постапка, по што од страна на Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал е поднесена кривична пријава против А.Љ. (21) од Скопје поради основи на сомневање за сторено кривично дело ‘тероризам’ и А.Р. (38) од Скопје поради основи на сомневање за сторено кривично дело ‘тероризам’. Од страна на судија на претходна постапка одредена им е мерка притвор“, соопштија од МВР.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата