Во Германија главно се прифаќаат дипломите и стручните квалификации од Македонија, но за одредени струки за самостојно работење потребно е да се добијат локални лиценци, вели Зоран Кочоски од Агенцијата Коузон преку која се реализираат дел од вработувањата на македонските државјани во Германија.
Според официјалната статистика, германските власти лани прифатиле 86.600 барања за признавање на странски квалификации или 10% повеќе од 2024 година. Нема точен податок колку од овие барања биле на македонски државјани.

Кочоски вели дека иако Германија генерално ги прифаќа македонските стручни квалификации и дипломи, годинава мали се шансите за вработување бидејќи потребата за странски работници таму е драстично намалена поради големиот пад на економската активност последните години.
– Некаде од 2010 година кога во земјава се воведе дуално образование Германија почна да ги признава стручните квалификации на нашите граѓани, но за самостојна работа како електричар, водоинсталатер или да речеме како лекар, треба да се добие локална лиценца со потврдување на знаењето – вели Кочоски.
При признавањето на дипломата, додава тој, Германија прави споредба дали образованието во странската држава од која доаѓаат работниците е еквивалентно на германскиот образовен процес.
Но, за да се добие работа во Германија, објаснува тој, не е потребна само диплома или стручна квалификација, работодавачите повеќе инсистираат на работно искуство во струката и умешноста најефикасно да се извршат работните задачи на работното место.
– Дипломата е само да се вработите на некое место. Потоа се врши валидација на договорот меѓу странскиот работник и работодавачот за што е потребна легализација на дипломата која генерално се прифаќа, но ако се потребни посебни лиценци треба и да се добијат од локалните власти. За германските работодавачи покрај оваа процедура најважно, сепак, е искуството на тој што го вработуваат и колку тој е умешен во работата – вели Кочоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата