Мицкоски најави почеток на изградбата во 2027 година

ИЗБРАНА ТРАСАТА ЗА ЕКСПРЕСНИОТ ПАТ КОЧАНИ – ВИНИЦА – ДЕЛЧЕВО

Vecer | 21.11.2026

ИЗБРАНА ТРАСАТА ЗА ЕКСПРЕСНИОТ ПАТ КОЧАНИ – ВИНИЦА – ДЕЛЧЕВО
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Делчево изјави дека по јавната расправа е избрана една од двете разгледувани варијанти за трасата. Според најавите, студиите и концептите треба да бидат готови напролет, доколку активностите се одвиваат според планираното.

– Станува збор за експресниот пат што треба да ги поврзе Кочани, Виница и Делчево, со клучка за Македонска Каменица. На јавната расправа беа разгледани две варијанти, од кои едната е избрана. Во тек е изработката на студија за изводливост и на еколошка студија, а веќе разговараме и со потенцијални финансиски институции. Јас и вицепремиерот и министер за транспорт го претставивме проектот пред Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој. Апликацијата е веќе поднесена – изјави Мицкоски.

Тој очекува камен-темелникот да биде поставен кон крајот на летото или на почетокот на есента 2027 година. Според него, со изградбата на патот значително ќе се подобри поврзаноста на жителите од овој дел на државата со останатите региони.

– Ако сè оди според очекувањата, напролет би требало да бидат завршени студиите и концептите за избраната варијанта. Очекувам камен-темелникот да биде поставен кон крајот на летото или на почетокот на есента во 2027 година. Со тоа, сметаме дека ќе се заокружи една целина што значително ќе ја подобри поврзаноста на жителите од овој дел на Македонија со останатите делови на државата – рече премиерот.

Мицкоски најави и почеток на реконструкција на патот од Делчево до граничниот премин со Бугарија. Според него, работите треба да почнат од понеделник.

Тој информираше и дека завршила тендерската постапка за санација на мостот на излезот од Делчево, на патниот правец кон Македонска Каменица и Кочани, по што се очекува да почнат и градежните работи.

– Од понеделник би требало да почне реконструкцијата на патниот правец од Делчево до граничниот премин со соседна Бугарија. Успешно заврши и тендерската постапка за санација на мостот на излезот од Делчево кон Македонска Каменица и Кочани, па конечно ќе почне и неговата санација. Во фаза на реализација се повеќе проекти што ќе бидат од значење за овој крај на државата – истакна Мицкоски.

Премиерот престојува во посета на Делчево заедно со министерот за здравство Сашо Клековски и министерот за спорт Борко Ристовски. Во рамки на посетата извршиле увид во градежните активности на Здравствениот дом „Гоце Делчев“, како и на почетокот на работите за реконструкција на градската спортска сала.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk