На 4-ти март далечната 2016-та година минатата влада предводена од ВМРО ДПМНЕ почна изградбна на клиничката болница во Штип. До крајот на својот мандат тој објект дојде до ниво на карабина. Со промена на власта со СДСМ и ДУИ во мај 2018-та година изградбата беше запрена.
Се чекаше промена на власта и оваа влада, предводена од ВМРО ДПМНЕ заедно со ЗНАМ и ВРЕДИ најавува - продолжување на изградбата на Клиничката болница во Штип.
Доколку преговорите со меѓународните финансиски институции и потребните процедури се одвиваат според планираното, изградбата на клиничката болница во Штип би продолжила во есента 2027 година, најави министерот за здравство Сашо Клековски при денешната посета на Општина Делчево.
– Ние сме во преговори со Светска банка и со Европска инвестициска банка. Според распоредот на работите, јануари – февруари треба да се одвиваат преговорите на ниво на министри на финансии, односно министерката за финансии да преговара. Дваесет и седми март е предвидено Управниот одбор на Светска банка да донесе одлука за кредитот за потоа да влезе во владина процедура, собраниска процедура и ако сѐ биде во ред, есента 2027 година да продолжиме со изградбата на клиничката болница – Штип – одговори министерот на новинарско прашање.

Клековски рече дека инвестицијата таму не предвидува само зграда, туку целосна модернизација.
– Кога инвестираме во клиничката болница – Штип, разговараме како да се реорганизира целото здравство во југоисток и во исток. Бидејќи клиничката болница – Штип ќе треба да пружи здравствени услуги за југоисток и исток, Источниот Регион. Во основа тоа значи утврдување на патеките на движење – која здравствена услуга каде ќе биде дадена, како ќе се движат граѓаните, пациентите и секако, дали ќе има персонал за тоа. Во инвестицијата во Штип не е предвидено само зграда. Предвидено е комплетна модернизација со вклучување на сите патеки од југоисток и исток – потенцираше министерот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата