Организаторите на платформата „Разговори за иднината во 12:05“ упатија остри критики до раководството на СДСМ и претседателот на партијата, Венко Филипче, по изборниот резултат во Брвеница, каде што кандидатот на СДСМ заврши на четвртото место со 707 гласа.
Од платформата оценуваат дека партијата пропуштила можност за пресврт по скандалите со Ива Михајлова и Артан Груби во текот на предизборната кампања. Тие сметаат дека одговорноста за слабиот резултат ја сноси актуелното раководство, а му честитаат на кандидатот Јовица Радески за, како што наведуваат, достоинствениот настап во кампањата.
Организаторите посочуваат дека СДСМ освоил 225 гласа повеќе во споредба со изборите во 2025 година, но истовремено тврдат дека кандидатот добил 57 гласа помалку од советничката листа на партијата на претходните избори. Според нив, овие резултати укажуваат на сериозна криза во СДСМ.
Во соопштението се упатуваат и прашања до раководството на партијата за можноста СДСМ да освои пратенички мандат во Изборната единица 6, за наводните разговори за влез во владата на Христијан Мицкоски и за потребата од промени во раководството.
Организаторите бараат Филипче да го прифати нивниот план за структурни реформи во СДСМ и предупредуваат дека партијата мора да ги разбере пораките од гласачите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата