Студентите го прифаќаат новиот модел за субвенциониран студентски оброк, предложен од Владата и Министерството за образование, со кој месечниот износ би се зголемил од 3.500 на 4.500 денари.
Сепак, поставуваат два услови – договорените решенија да бидат внесени во Законот за субвенциониран студентски оброк и списокот на компаниите и маркетите да биде јавно објавен пред стапувањето на законот во сила.
Во соопштението наведуваат дека одлуката ја донеле по широки консултации со студентите во рамки на нивните организациски облици, по средбата на која премиерот и министерката за образование понудиле пакет-решение за мерката.
Предложениот модел предвидува воведување нов систем за студентски оброк, наречен „М студентски оброк“, како и зголемување на вкупните месечни средства од 3.500 на 4.500 денари.
Дополнително, предвидено е јавно објавување список на оператори и маркети во кои студентите ќе можат да ги користат средствата, а попустите да важат до крајот на месецот, без оглед дали студентот ја потрошил целата сума од 4.500 денари.
Студентите посочуваат дека прифаќањето на понудениот модел е условено со внесување на овие решенија во законот и навремено објавување на списокот на компаниите и маркетите.
Предлогот за зголемување на субвенционираниот студентски оброк од сегашните 3.500 на 4.500 денари месечно, воведување посебна дигитална услуга во апликацијата „М.услуги“ и дополнителни попусти за студентите при купување храна им беше презентиран на претставниците на студентските парламенти на сите универзитети, на средбата во средата со премиерот и министерската за образование, на која присустуваа и други владини преставници.
Мицкоски во петкот рече дека очекува повратен одговор од студентите за предлогот за измена на моделот на субвенционираниот студентски оброк. Тој истакна дека на средбата со студентите им бил образложен владиниот предлог за студентскиот оброк за кој, според него, и студентите се согласиле дека е подобро решение од актуелниот модел.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата