Завршена е постапката за набавка на новите автобуси и потпишан е договорот, а во тек е рокот за нивна испорака - изјави денеска градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, посочувајќи дека главниот град ќе има приоритет во распределбата на возилата.
- Скопје од тие 150 автобуси го има приоритетот, односно додека не се исполни квотата од 100 автобуси за градот, нема да се доставуваат автобуси за другите општини. Тоа го кажа и министерот, господинот Николоски, тоа го кажа и претседателот на Владата, така да еве уште еднаш да го повторам - рече скопскиот градоначалник.
Тој информира дека паралелно се работи на подготовка на инфраструктурата за новите автобуси, во координација со ЕВН и ЈСП.
- Мој близок соработник е одговорен како претставник од Град Скопје, а задолжен е и директорот на ЈСП. Во постојана комуникација сме со ЕВН и веќе се излезени сите тимови и екипи на терен да работат за кога ќе стигне првата тура на автобусите, ние да бидеме спремни со инфраструктура. Некаде станува збор за стара мрежа којашто не може капацитетот да го издржи и затоа влегуваме со обновување на мрежата, некаде ќе треба да се постават трафостаници за функционалност. На три точки работиме: едната е Нова железничка станица, едната е Автокоманда и едната е Ѓорче Петров, така да ќе влеземе подготвени во процесот - потенцира скопскиот градоначалник.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата