logo
logo
logo

Андов го забранија. Но, чираците не се Стојан Андов

НОВО ТОЛКУВАЊЕ НА АТЕНТАТОТ НА ГЛИГОРОВ ЗА ДНЕВНА ПОЛИТИКА. “Само мафијата на СДСМ имаше корист“

Vecer | 03.10.2026

НОВО ТОЛКУВАЊЕ НА АТЕНТАТОТ НА ГЛИГОРОВ ЗА ДНЕВНА ПОЛИТИКА. “Само мафијата на СДСМ имаше корист“

Како ќе затреба за нечија дневна политика, така ќе се појави енкоја нова “студија“ или “анализа“ за атентатот врз македонскиот претседател Киро Глигоров со политички контекст без, притоа, да се презентираат докази а не збир на слободни новинарски тези и претпоставки.

Последната, денес, е на Зоран Доревски, поранешен шеф на службата за обезбедување на МВР која, по закон, е должна да се грижи за безбедноста на претседателот и која - не ја исполнила задачата, а никој за тоа не одговарал. Како што ни по атентатот таа служба предводена од Зоран Доревски не дала никаков придонес кон истрагата водена од тогашниот министер за надворешни работи Љубомор Фрчкоски.

Фрчковски, министер, се појави дури 23 дена по извршениот атентат со сознание дека зад атентатот стојат Бугари, посочувајчи ја бугарската врска за која набргу потоа се дозна дека се работи за фирмата Мултигруп. Мотивот бил дека Глигоров го загрозувал балканскиот шверц со нафта кој, тогаш, од македонска страна го контролираше власта на СДСМ.

Газдата на Мултигруп, Илија Павлов, беше убиен во 2003 година, во Софија. Никогаш не се докажа дали Мултигруп има поврзаност со атентатот. Не се докажа ниту една врска во правец на нарачател или извршител на атентатот со било кој, а се водеа две истраги. Една во времето на на министерот Фрчкоски, а друга во време на мандатот на Ставре Џиков како државен јавен обвинител. 

Се пишуваа книги за тој настан. Во една од книгите, автор Стојан Андов, претседател на Собранието, втор човек во државата и сведок на времето и околностите пред и по атентатот се посочува вина за тој атентата врз Љубомир Фрчкоски и мафијата. Во 2019 година, по тужба на Фрчкоски, книгата со судска одлука беше - забранета за дистрибуција!

Сега, случајно, во исто време кога СДСМ за потреби на Софија војува против лошиот “српски свет“ а во врвот на партијата е синот на Љ.Ф. - Јон Фрчкоски, додека СДСМ бара безусловно да се прифати бугарското вето и Филипче координирано се појавува со исти теми и тези, во исто време, со бугарската пропаганда преку нивни медиуми и портали во Македонија, се појавува и Зоран Доревски со теза - зад атентатот стои “српкиот свет“. Без ниту еден доказ, со сублимат на тези од новинарски текстови и интернет постови. 

Причината за атентатот според Зоран Доревски била Србија да спречи пат на Македонија во Европската унија. Глигоров го преживеа атентатот, по атентатот СДСМ беше на власт вкупно 14 години. Извршија приватизација на индустријата и економијата со вредност од тогашни 6 милијарди долари - продадена за 700 милиони долари. Сменија, насилно, име на држава, ја ограбија безимената држава, уништија правен и правосуден систем.

Иако никој од ЕУ по Преспанскиот договор тоа не им го бараше (доказ изјава на Ангела Меркл) потпишаа согласност за бугарско вето кон Македонија и ја запреа постапката за преговори. За тоа време Србија го помина најголемиот дел од главните кластери од преговорите за влез во ЕУ. Па кој е за, а кој против влез на Македонија во ЕУ?

Најпосле, во книгата, мемоарите на Киро Глигоров постојат негови заклучоци спротивни на наводите од Зоран Доревски, како и неколку пати повторената изјава на Глигоров атентатот да не се употребува за дневно политички потреби.

Зоран Доревски само даде свој прилог кон каузата на Зоран Заев, Венко Филипче и нивниот долгогодишен коалиционен партнер Љубчо Георгиевски. Ништо повеќе од политикантски памфлет. Стојан Андов е авторитет за тие настани кој до ден денес не е демантиран. Судот под власт на СДСМ реши дека никој од нас не смее да ги прочита неговите докази, неговата приказна.

За една од ретките објективни анализи за атентатот врз претседателот Киро Глигоров според сознанија и докази до кои можело да се дојде е книгата Атентат на новинарот Зоран Петров кој работел во областа на разузнавањето и безбедноста кој даде интервју за МИА на таа тема.

Зоран Петров
Зоран Петров

МИА - Еден од најголемите потреси во македонската понова историја се случи пред точно 31 година. За атентатот врз поранешниот македонски претседател Киро Глигоров сè уште има само прашања, но не и концизни одговори, кои би довеле до затворање на случајот.

МИА разговараше со Зоран Петров, авторот на „Атентат“, прва издадена книга за нападот врз Глигоров.

Петров истакна дека изминатите години дошол до нови информации, но не и до докази за неговото тврдење дека „зад атентатот стои организиран криминал“.

Според него, истрагата за атентатот била „водена недозволиво аматерски“ и „погрешно насочувана“ кон странските конекции наместо кон „домашните криминално-политички структури“.

Тој не е оптимист дека „случајот некогаш целосно ќе биде расветлен и правно ќе биде затворен“.

МИА: По толку години од атентатот на поранешниот македонски претседател Киро Глигоров не е утврден мотивот, не се откриени нарачателите и извршителите, ниту пак виновниците. Според Вас која стои зад атентатот?

- Кога би го знаел одговорот, атентатот би бил расветлен. А тој е мистерија, сè уште. Тоа што јас го мислам е сосема ирелевантно, бидејќи решавањето на секој криминален акт се заснова на докази. А докази нема. Има само претпоставки и шпекулации, со повеќе или помалку уверливи индиции, има осамени обиди на неколкумина упорни и посветени индивидуалци кои објавуваат статии, мемоари и книги поврзани со атентатот, има по некоја бомбастична изјава, по некоја кривична пријава за клевета и … горе-долу тоа е сè.

А за тоа колку работите се замрзнати, заглавени, застоени и заборавени, ќе наведам еден пример. Имено, на 30. септември 2010 година, во организација на Форумот за безбедност и Здружението на ветерани од областа на одбраната и безбедноста, во Домот на АРМ во Скопје се одржа научно-стручна дебата по повод 15-годишницата од атентатот врз Глигоров. Бев поканет и јас како поранешен новинар и автор на првата книга за настанот од трети октомври 1995 година.

За да внесам доза на провокација на собирот, во своето излагање потенцирав дека јас знам кој стои зад атентатот, ама тоа не смеам да го кажам, бидејќи немам докази. Еве, 16 години подоцна, можам да го повторам истото, зашто ништо не е сменето.

МИА: Вашата книга излезе од печат една година по атентатот, во која го реконструирате нападот. Многу подоцна изјавивте дека додека пишувавте за атентатот Вие и Вашето семејство трпевте закани. Дали тоа е индикатор дека истрагата од самиот почеток била намерно опструирана?

- Кога се случи атентатот имав неполни 33 години. За еден релативно млад и амбициозен новинар, кој секторски беше задолжен за одбрана и безбедност, поголем предизвик не можеше да има. Со огромна поддршка од тогашната редакција на дневниот весник „Нова Македонија“, влегов во настанот максимално посветено. Шансата за докажување беше неповторлива, а мојот истражувачки афинитет дојде максимално до израз.

Читав стручна литература, разговарав со експерти, контактирав со голем број извори, извлекував паралели и компаративни искуства и секојдневно објавував текстови за настанот. И кога имаше и кога немаше нови моменти.

Новинарски кажано, целта беше да се држи тензија, но и да се охрабрат нови извори кои имаат да соопштат нешто ново. Резултатите брзо дојдоа.

Така на пример, неполна недела по атентатот, прв ја објавив веста дека автомобилот – бомба на местото на настанот го довезла жена. Во мојата редакција секојдневно пристигнуваа главно анонимни писма, картички или телефонски повици со нови „пикантерии“ поврзани со настанот, од кои, најголем дел беа шарени лаги.

Тесно соработував со МВР во делот на размена на податоци, а во еден момент посебно се фокусирав на пропустите во самата истрага, претставувајќи ги како индиции дека во обидот за физичка ликвидација на првиот македонски претседател има многу домашни елементи. А тоа веќе беше ризична игра, бидејќи дојде во директна конфронтација со официјалната полициска позиција дека се работи за странски служби, а тоа имплицитно го најави тогашниот министер за внатрешни работи (Фрчкоски) посочувајќи ја бугарската Мултигруп.

Тогаш дојдоа анонимните телефонски закани, и „добронамерните“ укажувања кон мене и членови на моето семејство да внимавам што правам. Да бидеме начисто, голем дел од лицата што самоиницијативно и самостојно го истражуваа атентатот, биле подложни на посредни и непосредни закани и предупредувања, а тоа го разбрав години подоцна.

МИА: Дали можете да посочите кои поединци или институции ја попречувале истрагата?

- Општо познато е дека истрагата беше водена недозволиво аматерски. Од денешен агол на гледање, не би рекол дека таа била попречувана, туку погрешно насочувана.

Акцентот бил на лица што оделе или доаѓале од странство, на конекции со поединци или институции и фирми од соседни држави, наместо со домашните криминално-политички структури. На пример, свесно и намерно се прикривал податокот дека три месеци пред атентатот, значи во јуни 1995 година, од магацините на АРМ кај скопско Визбегово, било украдено оружје, експлозив и детонатори.

До денешен ден не сум чул објаснување зошто оваа информација е криена од јавноста. Единствениот логичен заклучок е дека ако бараме некаква предумисла или осмислен план за неуспех на истрагата, тоа е нејзино погрешно насочување. Има тука и многу други индикатори, за кои би ни требал многу подолг простор за елаборирање.

МИА: Ако прифатиме дека истрагата за атентатот била попречувана или погрешно насочувана, дали тоа укажува дека во атентатот се вмешани и домашни елементи?

-Апсолутно. Моето мислење е дека зад атентатот стои организиран криминал и дека мотивите за елиминација на Глигоров се чисто мафијашки. Најпростата дедукција го вели следново: Прво, станува збор за период проследен со воениот распад на Југославија, со криминалната приватизација во Македонија, со ембаргото кон Србија и со т.н. „првобитна акумулација“ на капиталот, што за кусо време исфрли на површина дузина македонски тајкуни, блиски до тогашната актуелна власт.

Второ, Киро Глигоров како прв непосредно избран претседател на државата и како најпопуларен политичар во нејзината историја, не само што имал висок углед кај меѓународната заедница, туку имал и огромно влијание во одлуките на тогашната Влада. Знаел за кршењето на ембаргото и за други девијации во државата, така што со неговите реакции бил трн во окото на одредена интересна група.

Трето, станува збор за период на устоличување на организираниот криминал во Македонија, на што една година претходно јавно укажа и еден висок полициски функционер. Патем, по дефиниција, организираниот криминал претставува спрега меѓу власта и криминални структури за остварување незаконска корист. Ако се земе предвид и тогашниот регионалниот аспект на овој феномен, односно тесната поврзаност на бугарски, македонски и српски криминални структури, лесно доаѓаме до претпоставката дека можно е во самиот чин на извршување на атентатот, да биле вклучени и лица од соседството.

Што не го менува мотивот, а тој според мене е само и исклучиво борба за финансиска и политичка моќ. Што во македонски услови ви доаѓа, горе-долу исто.

И четврто, а можеби и најважно, е дека атентатот целосно ја исполни својата цел. Глигоров физички го преживеа, ама политички беше елиминиран, односно апсолутно маргинализиран. На сцена стапија некои нови „дечки“ со некои нови манири, со некои нови практики, форми и методи на владеење, кои се трансформираа во традиционално владеење на македонски начин. Во овој контекст, секогаш го цитирам покојниот новинар, Васил Мицкоски, кој во неделникот „Пулс“ во анализа на настаните по атентатот, пророчки напиша дека по 3 октомври во Македонија ништо нема да биде исто.

МИА: Дали со текот на годините откривте некои нови елементи или докази? Дали по толку години можеме да се надеваме дека ќе се затвори случајот или ќе остане во доменот на шпекулации, различни теории, едноставно нерешен случај?

- Мојата кариера, прво како новинар, потоа како разузнавачки аналитичар и како заменик министер за надворешни работи, ми отвори широки можности дискретно да си спроведувам некаква приватна истрага сите овие изминати години.

Во многубројните контакти со претставници од странски разузнавачки служби, со дипломати и, пред сè, со наши експерти од областа на безбедноста, медиумите и бизнисот, дојдов до многу конкретни сознанија, имиња, конекции и испреплетени интереси. Ама до ниеден доказ.

Оттаму, не верувам дека случајот некогаш целосно ќе биде расветлен и правно ќе биде затворен. Атентатот врз претседателот Глигоров од 3 октомври 1995 година, се повеќе добива форма на некакво традиционално одбележување на еден конкретен датум за еден конкретен настан, отколку што претставува мотив за расветлување на еден терористички акт. Се претвора во фолклорен елемент, како потенцијална инспирација за народна песна. Останува горчливиот вкус на неуспехот на сите нас.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk