УЈП го подготвува воведувањето на системот е-Фактура, со кој општините и јавните комунални претпријатија ќе можат електронски да ги издаваат и испраќаат фактурите до граѓаните. За подготовка на новиот систем, УЈП во соработка со ЗЕЛС организираше обука на која учествуваа 80 претставници од општините и ЈКП, а беа презентирани начинот на користење, обврските и придобивките од електронското фактурирање, како и бесплатната веб-апликација преку која ќе се користи системот.
Од УЈП ги повикаа општините и ЈКП активно да го тестираат е-Фактура и да доставуваат предлози за подобрување, со посебен фокус на масовното испраќање фактури до граѓаните, поврзувањето со постојните информациски системи и користењето на постојните квалификувани електронски сертификати.
Во пилот-фазата системот може да се тестира преку директно поврзување со деловните информациски системи преку API-интерфејс или преку веб-апликацијата.
Во моментов се тестираат повеќе функционалности, меѓу кои креирање, прием, валидација, преземање, прифаќање, одбивање и сторнирање на електронски фактури. Во следниот период се планира постепено проширување на тестирањето до целосно вклучување на сите процеси и видови документи.
Од УЈП оценуваат дека навременото вклучување на општините и јавните претпријатија е особено важно, бидејќи ЈКП се меѓу најголемите издавачи на фактури во јавниот сектор.
УЈП најавува и продолжување на информативните и едукативните активности за навремена подготовка на сите обврзници за примената на системот е-Фактура, со кој се очекува поефикасно и побрзо фактурирање и поголема транспарентност на деловните процеси.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата