logo
logo
logo

ТЕХНОЛОШКИ ГИГАНТ СО МЕГА-ИНВЕСТИЦИЈА: Гугл вложува 13 милијарди евра во Финска

Vecer | 09.09.2026

ТЕХНОЛОШКИ ГИГАНТ СО МЕГА-ИНВЕСТИЦИЈА: Гугл вложува 13 милијарди евра во Финска

Google најавува огромна инвестиција во Финска, вредна најмалку 13 милијарди евра, за изградба на инфраструктура за вештачка интелигенција во следните две години. Инвестициите ќе опфатат нови дата-центри, модернизација на електричната мрежа, проекти за чиста енергија и батерии, со кои ќе се поддржат сервисите на компанијата, меѓу кои Gemini, Search, Maps и YouTube. Во рамки на планот, Google го потпиша и својот прв договор за нуклеарна енергија надвор од САД, со што технолошкиот гигант дополнително ја зајакнува енергетската база за својата AI инфраструктура.Ова е најголема поединечна инвестиција на технолошкиот гигант во Европа досега.

Ќе се градат три нови дата-центри

Проектот, кој е планиран за реализација во периодот меѓу 2027 и 2028 година, треба да овозможи изградба на најмалку три нови центри за податоци (data centers), како и дополнително проширување на нивниот постоечки голем центар во крајбрежниот град Хамина. Новите локации ќе бидат во Кајани, Мухос и Вала во северниот дел на земјата. Google претходно купи земјиште во северна Финска за евентуална изградба на центри. Локациите беа избрани за да се искористи постојната електрична мрежа во близина на извори на енергија без јаглерод.

-Овие локации, лоцирани на силни точки на електричната мрежа, придонесуваат за целокупниот електроенергетски систем и во исто време овозможуваат економски развој на мрежата- изјави Аста Сихвонен-Пунка, извршен директор на операторот на преносниот систем Фингрид.

Центрите за обработка на податоци ќе бидат подготвени и за системи за обновување и користење на отпадната топлина.

Телекомуникацискиот оператор Elisa и провајдерот на мрежна инфраструктура Nokia ќе обезбедат поврзување на новите центри за обработка на податоци, според соопштението.

„Новата дигитална инфраструктура ќе служи како градежни блокови за финската и пошироката европска дигитална подготвеност, иновации и развој на вештачката интелигенција“, соопшти компанијата.

Финскиот премиер Петери Орпо изјави дека одлуката на Гугл е „јасен доказ за нашите силни страни“.

-Вредноста на економијата на податоци се протега многу подалеку од директните инвестиции во поттикнување на иновации, истражување и развој – додаде тој.

Компанијата проценува дека проектот за време на фазата на изградба ќе поддржи повеќе од 37.000 работни места низ целата земја, од кои приближно 16.000 ќе бидат во градежниот сектор. Откако системите ќе станат целосно оперативни, се очекува изградбата на овие дата центри да придонесе со 3,6 милијарди долари во финскиот БДП и да поддржува околу 7.000 работни места годишно.

Гугл истовремено инвестира и во обезбедување струја за најавените дата- центри

Компанијата склучи и 22-годишен договор со финската државна енергетска компанија Fortum за откуп до 50% од капацитетот на нуклеарната централа Ловиса. Ова е нивен прв договор за нуклеарна енергија надвор од САД. Дополнително ќе се инвестира во ветерни паркови и батериски системи за стабилизација на мрежата.

Ова е првиот договор за нуклеарна енергија на Google надвор од САД и сметаме дека тоа е навистина важен камен-темелник за сè што правиме тука – изјави во Хелсинки главната инвестициска директорка на американската компанија, Рут Порат.

Google објави дека ја проширува и енергетската инфраструктура потребна за имплементација на проекти, склучува нови договори за користење на енергијата на ветерот и инсталира систем на батерии од 94 мегавати на локацијата во Кајани, што ќе придонесе за балансирање на електричната мрежа.

Fortum и Google, исто така, ќе го истражат развојот на нова нуклеарна и обновлива енергија во Финска, соопштија компаниите.

Во својата изјава, компанијата Фортум изјави дека долгорочниот договор за купување обезбедил економска сигурност за доживотно продолжување и надградба на електраната Ловииса до 2050 година. Централата се наоѓа во близина на центарот за податоци Хамина на Гугл.

Цената на акциите на Фортум порасна за 10% надминувајќи го зголемувањето од 1,4% на индексот на акции во Хелсинки.

Зошто Гугл ја избра Финска за оваа инвестиција?

Финска е избрана поради нејзината студена клима (што драстично ги намалува трошоците за ладење на серверите) и изобилството на стабилна, нискокарбонска електрична енергија.

Освен обилните количини на енергија со ниски емисии, студената клима на Финска ги намалува трошоците бидејќи ја намалува количината на енергија потребна за справување со топлината произведена од центрите за податоци.

Во последниве години, многу центри за податоци се лоцирани во нордиските земји поради даночните олеснувања и достапноста на обновлива енергија. Финска ја зголеми стапката на обновлива енергија во последните неколку години.

Аналитичарите сметаат дека потрошувачката на енергија во центрите за податоци значително ќе се зголеми поради користењето на вештачката интелигенција, што Google го наведе како една од причините за својата инвестициска одлука.

Гигантот најави уште една инвестиција во Европа. Засега е познато дека Google сака да изгради нови центри за податоци во Холандија и Белгија.

„Алфабет“ во чиј состав е Гугл оваа година ги зголеми своите глобални инвестиции на помеѓу 195 и 205 милијарди долари, бидејќи се стреми да ја опфати растечката побарувачка за компјутери.

За Финска, оваа инвестиција ќе претставува значителен поттик во време кога земјата се обидува да го врати економскиот раст.

Нордиската земја се соочува со слаба побарувачка, колапс во трговијата со соседна Русија и последици од фискалното затегнување насочено кон ставање на јавните финансии под контрола. Стапката на невработеност надмина десет проценти и достигна највисоко ниво во Европската Унија.

Годинава и други технолошки компании најавија инвестиции во Европа . Amazon изјави дека ќе инвестира 33,7 милијарди евра до 2035 година за да ја зајакне својата инфраструктура во облак и центри за податоци во Шпанија, додека Microsoft изјави во септември минатата година дека ќе вложи 30 милијарди долари во инфраструктура за вештачка интелигенција и постојните операции во Велика Британија до 2028 година.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk