1.172 девојки на возраст од 15 до 19 години станале мајки во Македонија за само две години. Според официјалните податоци, во 2023 година биле регистрирани 584 живородени деца од мајки во оваа возрасна група, а во 2024 година уште 588.
Само во 2024 година, од вкупно 16.061 живородено дете во земјата, 588 биле родени од мајки на возраст од 15 до 19 години.
Особено загрижувачки се податоците за најмладите. Во 2024 година биле регистрирани 12 живородени деца од мајки помлади од 15 години. Со дополнителните случаи регистрирани во 2023 година, бројот на раѓања кај девојчиња под 15 години во двете години достигнува 26.
Зад овие бројки стојат девојчиња кои на возраст кога нивните врсници се занимаваат со училиште, матура, прва работа и планирање на иднината, се соочуваат со бременост, породување и грижа за новороденче.
Тинејџерското мајчинство може да значи прекин или отежнато продолжување на образованието, поголема зависност од семејството и преземање сериозни одговорности во период од животот кога девојките сè уште се во процес на образование и личен развој.
Проблемот не е само демографски. Тинејџерските бремености се поврзани и со прашања од областа на здравството, образованието и социјалната заштита.
Податоците на Институтот за јавно здравје покажуваат дека во 2023 и 2024 година биле регистрирани вкупно 125 абортуси кај жени помлади од 20 години – 74 во 2023 и 51 во 2024 година. Во истиот период, кај жените од сите возрасти биле регистрирани 2.207 прекини на бременоста во 2023 и 2.151 во 2024 година.
Слична состојба има и во Србија. Во 2023 и 2024 година таму биле регистрирани 3.508 породувања кај девојки од 15 до 19 години, од кои 1.819 во 2023 и 1.689 во 2024 година. Меѓу нив имало и 31 девојче помладо од 15 години.
Во Србија во истиот период биле регистрирани и 826 прекини на бременоста кај девојки од 15 до 19 години, како и 16 случаи кај девојчиња помлади од 15 години.
Дека станува збор за проблем кој не треба да се гледа само низ статистички бројки, укажува и изјавата на претседателот на Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО), професор доктор Глигор Тофоски, дадена во јули 2024 година. Според него, годишно околу 100 девојки помлади од 20 години абортираат.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата