Американската порота едногласно пресуди против Илон Маск во неговата тужба против Сем Алтман и компанијата OpenAI. Поротата утврди дека милијардерот предоцна ја поднел тужбата, односно по истекот на статутот за застареност, па затоа и воопшто не навлезе во разгледување на вистинитоста на неговите тврдења. За донесување на оваа одлука на поротата ѝ беа потребни помалку од два часа.
Маск ја поднесе тужбата во 2024 година, обвинувајќи ги извршниот директор Алтман и соосновачот Грег Брокман за неправедно богатење, а OpenAI за прекршување на должноста како непрофитна организација преку отворање на профитно крило и земање милијарди долари инвестиции од Microsoft. Маск му помогна на Алтман да го основа OpenAI во 2015 година токму како непрофитен проект, но го напушти управниот одбор во 2018 година и оттогаш нема удел во компанијата.
Пресудата уследи по 11 дена сведочења и жестоки расправи во кои кредибилитетот и на Маск и на Алтман беше под постојани напади. Двете страни меѓусебно се обвинуваа дека се повеќе заинтересирани за пари отколку за служење на јавноста. Маск тврдеше дека OpenAI незаконски се обидува да ги збогати инвеститорите на штета на хуманоста и дека ја занемарил безбедноста на вештачката интелигенција. Од друга страна, адвокатите на OpenAI возвратија дека токму на Маск парите му се најважни и дека чекал премногу долго за да ги покрене овие обвиненија. Овој судски епилог доаѓа во време на голема пазарна трка каде креаторот на ChatGPT се натпреварува со ривалите како Anthropic, но и со компанијата xAI на самиот Маск, која неодамна стана дел од неговата вселенска корпорација SpaceX.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата