Каталонската полиција уапси 50 луѓе во реонот на Барселона под сомнение дека учествувале во криминална група која заработила над 3.2 милиони евра преку организирање нелегален влез на пакистански државјани во Шпанија и незаконски обезбедувње документи за нивниот престој на нивниот престој, пренесува Диари де Каталуња.
Меѓу уапсените се 43 сопственици на бизниси кои, според полицијата, соработувале со криминалната група обезбедувајќи фиктивни договори за вработување, додека седум други се осомничени дека биле директни членови на организацијата.
Според каталонската полиција, криминалната група пронаоѓала пакистански државјани заинтересирани за добивање дозволи за работа и престој во Шпанија, наплаќајќи им до 30.000 евра за организирање на нивното пристигнување и обезбедување на потребната документација.
За лицата кои веќе престојувале во Шпанија и сакале да го регулираат својот статус, групата нудела фиктивни договори за вработување, наплаќајќи до 8.000 евра за оваа услуга.
Истрагата откри дека, во периодот од март 2022 до јули 2023 година, организацијата поднела вкупно 224 барања за вработување на странски државјани од нивните земји на потекло, а 108 од овие барања биле одобрени.
Само врз основа на овие одобрени барања, криминалната група остварила приход поголем од 3,2 милиони евра – сума во која не се вклучени надоместоците наплатени за одбиените барања или за регуларизација на престојот на лица кои веќе се наоѓале во Шпанија.
Според истрагата, организацијата имала стабилна, хиерархиска структура уште од 2019 година, со јасно дефинирани улоги. Групата дејствувала од Каталонија, со поддршка од соработници во Пакистан.
Членовите на групата дејствувале како посредници помеѓу заинтересираните мигранти и сопствениците на бизниси, кои ги ставале на располагање своите компании за да послужат како формални работодавачи, овозможувајќи издавање на фалсификувана документација потребна за добивање дозволи.
За време на истрагата, полицијата идентификувала вкупно 12 членови на криминалната мрежа и 62 сопственици на бизниси поврзани со нејзините активности. Овие сопственици на бизниси дејствувале во различни сектори, вклучувајќи ја трговијата со прехранбени производи, угостителството, градежништвото и занаетчиските дејности, како и индустријата за обработка на метали.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата