Октомври 2026 година беше најтоплиот октомври досега кога станува збор за глобалните температури и трет последователен месец што го надмина прагот на затоплување утврден со Парискиот договор, соопшти денеска главната програма на Европската Унија (ЕУ) за набљудување на Земјата што ги мери времето и климата, „Коперникус“.
Европската агенција соопшти дека 2026 година била втората најтопла година досега, со 20 проценти шанси да се изедначи или надмине 2024 година како најжешка година досега, објави ABC News.
Се очекува просечната глобална температура за четиригодишниот период помеѓу 2023 и 2026 година да го надмине прагот од 1,5 степени Целзиусови.
Температурите на површината на морето продолжија да растат, при што просечната температура на површината на морето надвор од поларните региони беше највисока досега за октомври, соборувајќи го претходниот рекорд поставен во 2023 година.
„Во тропскиот Пацифик, Ел Нињо продолжува да се зајакнува, при што температурите на површината на морето во регионот што научниците ги користат како клучен репер за следење и дефинирање на овој климатски модел достигнуваат историски максимуми. Овие температури сега ги надминуваат врвовите забележани за време на претходните многу силни епизоди на Ел Нињо“, рече Коперникус.
Новите рекорди ќе бидат тема на дискусија за светските лидери, преговарачите за климата, научниците и непрофитните организации во Турција на годишната конференција за климата на Обединетите нации.
Се очекува COP31 да се фокусира на преточување на минатите обврски во конкретни резултати.
Администрацијата на Трамп нема да испрати официјална американска делегација, и покрај тоа што Соединетите Американски Држави се втор најголем емитер на стакленички гасови во светот, зад Кина.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата