Инфлуенсерите како и “инфлуенсер(к)ите“ по долна облека или без неа кои со години користат секоја прилика за престој во Дубаи од каде испраќаат видеа и слики од раскошни хотели, плажи, забави или шопинг се шокирани од одлуката на властите дека нема повеќе сликање и снимање по свој избор. Во спротивно - следат казни и до 10.000 долари.
Додека фотографиите од небото под ракетите и остатоците по иранските напади се ширеа од Дубаи во последните денови, некои од инфлуенсерите што живеат или делуваат во Емиратите истовремено испратија пораки до своите следбеници за животот во „најбезбедната земја во светот“ на кој треба да им позавидат нивните следачи.
Ројтерс објави на почетокот на март дека по иранските напади, остатоците погодиле и делови од Дубаи, поттикнувајќи понатамошна дебата за сликата што социјалните медиуми ја создаваат за реалноста.
Во исто време, властите на Обединетите Арапски Емирати воведуваат построги правила за секој што промовира нешто на Интернет. Од 1 февруари 2026 година, сите лица што објавуваат промотивна содржина од ОАЕ на социјалните мрежи и други дигитални платформи мора да имаат посебна дозвола за рекламирање, пишува Gulf News.
Ова е таканаречената Дозвола за огласувач, издадена од Медиумскиот совет на ОАЕ, а правилото важи за платени и неплатени промоции на социјалните мрежи, веб-страници, блогови и други дигитални канали.
Кој мора да има дозвола

Новата регулатива важи за секој што создава промотивна содржина од ОАЕ - вклучувајќи ги граѓаните, жителите и посетителите што престојуваат во земјата.
Со други зборови, не е клучно дали некој е платен за објавата. Доколку станува збор за промоција на производ, услуга, настан или активност, потребна е дозвола. Компаниите и агенциите што работат со инфлуенсери мора да проверат и дали нивните партнери имаат важечка лиценца.
Целта на регулативата, според властите, е да се подигнат стандардите на дигиталното рекламирање, да се спречи заведувачка содржина и да се направи пазарот потранспарентен.
Постојат и исклучоци
Сепак, дозвола не е потребна во сите случаи. На пример, личните профили што го промовираат сопствениот производ или услуга не бараат дополнителна дозвола. Исклучок важи и за малолетници под 18 години кои објавуваат образовна, културна или спортска содржина, под услов да е во согласност со правилата за ограничувања на возраста.
За млади лица на возраст меѓу 15 и 18 години, важат дополнителни правила - содржината мора да биде соодветна за нивната возраст и не смее да промовира производи или услуги што би можеле да бидат штетни за малолетниците.
Колку долго трае дозволата?

Дозволата за граѓаните и жителите на ОАЕ важи една година и може да се обнови. Добрата вест за нив е дека во првите три години лиценцата ќе биде бесплатна.
За посетителите кои сакаат да снимаат промотивна содржина во Емиратите, дозволата важи три месеци, со можност за продолжување. Во нивниот случај, апликацијата се поднесува преку лиценцирана агенција или агенција за таленти во ОАЕ.
Казните можат да бидат огромни
Кршењето на правилата може да биде скапо. Казните за несоодветна или заведувачка содржина може да се движат од 5.000 дирхами (околу 1.250 евра) до 1 милион дирхами (околу 250.000 евра), во зависност од сериозноста на прекршокот.
Работата без потребната дозвола се казнува со 10.000 дирхами (околу 2.500 евра) за првиот прекршок, додека повторениот прекршок може да донесе казна од 40.000 дирхами (околу 10.000 евра). Во посериозни случаи, властите можат да ја суспендираат или трајно да ја одземат лиценцата.
Како се добива дозволата
Граѓаните и жителите го поднесуваат барањето преку официјалната веб-страница на Медиумскиот совет на ОАЕ. Посетителите, од друга страна, можат да добијат дозвола само преку акредитирани агенции регистрирани во Емиратите.
Властите велат дека целта на новите правила е да се создаде попрофесионално и потранспарентно дигитално рекламирање во земјата која во последниве години стана еден од глобалните центри на инфлуенсери и онлајн маркетинг.
За потсетување, Дубаи е познат како светска престолнина на инфлуенсери, а се проценува дека околу 50.000 од нив живеат во градот, уживајќи статус на ослободување од данок и други бенефиции.
Државата нуди десетгодишна „златна виза“ специјално за нив и ја финансира иницијативата „Creators HQ“, која им обезбедува сè, од простор за снимање до деловно вмрежување. Инфлуенсерите кои сакаат да ја монетизираат својата содржина и да заработуваат од тоа, исто така, мора да добијат дозвола од владата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата