Две снимки што деновиве се проширија низ регионот отворија исто, исклучително болно прашање: Дали денешните деца само ги тестираат границите или ние, возрасните, одамна престанавме да им ги поставуваме?
Социјалните мрежи уште еднаш станаа арена за тема од која тешко се бега, како се однесуваат младите, кој го диктира нивниот бонтон и каде точно завршува детската безгрижност, а почнува отвореното непочитување кон околината. Иако двете видеа не се снимени на исто место и прикажуваат различни ситуации, тие споделуваат загрижувачки заеднички именител: однесување на младите кое кај голем дел од јавноста предизвика револт, додека кај други отвори прашање дали возрасните понекогаш пребрзо ги осудуваат новите генерации.
„Родители, погледнете добро како се однесуваат вашите деца“
Првиот пример доаѓа од Србија. На снимката се гледа момче кое за време на одмор се снима пред пештера за социјалните мрежи. Откако неколкумина минувачи ненамерно му влегуваат во кадарот, тој реагира со сочна пцовка.
Снимката предизвика лавина реакции, а страницата „Београд данас“ ја искористи за директна порака до родителите. Суштината на пораката е едноставна, но непријатна: воспитувањето не почнува на училиште, ниту на социјалните мрежи — тоа почнува дома. Не е проблем што детето сака да се забавува или што е гласно и љубопитно. Проблемот настанува кога детето не препознава дека постојат граници и дека личната слобода не значи право да се прави што било без почит кон луѓето околу себе.
Навалица во Македонија за баскет-ѕвездата Мат Киатипис
Другото видео доаѓа од Македонија и повторно во центарот ги става младите, но овојпат поводот е доаѓањето на познатиот уличен баскет-играч Мат Киатипис, препознатлив по популарниот формат „1 на 1“.
Неговата посета предизвика огромен интерес, но во моментот кога младите се обиделе да направат фотографија со него, ситуацијата прераснала во вистински хаос. Млади луѓе се туркале и протнувале по секоја цена за една снимка. Ова го испровоцира и дигиталниот креатор Мандар, кој јавно реагираше и постави пошироко прашање за однесувањето на младите.
Еден од коментарите под објавата ја доловува длабоката загриженост на јавноста:
„Страшната работа не е тоа што сега се такви на 12, 13 или 16 години… Страшно е што тие истите во иднина треба да седнат на некоја функција, а остатокот од народот да зависи од нивните одлуки.“
Меѓу еуфоријата, организацијата и правото на грешка
Сепак, дебата има две страни. Дел од коментаторите сметаат дека за вакви масовни настани мора да има подобра организација и соодветно обезбедување, бидејќи е тешко да се очекува целосна контрола кога возбудени тинејџери ќе се соберат околу својот идол. Еден од присутните раскажа дури и дека дете, во обид да стигне до фотографија, скокнало преку ограда висока два метра и паднало на колена, момент кој најдобро ја покажа границата меѓу детската еуфорија и непромисленоста.
Од друга страна, некои застанаа во одбрана на младите, потсетувајќи дека енергијата и страста се природни за таа возраст. Никој не посакува деца кои се роботски тивки и прекумерно воздржани, но прашањето е дали ја знаат линијата каде што треба да застанат.
„Џентл парентинг“ или родителство без граници?
Ова ја отвара и најчувствителната тема, модерното родителство. Денес многу се зборува за разбирање на детето, ненасилна комуникација и почитување на неговите емоции. Но, едно е да не се понижува детето, а сосема друго е да не му се постават никакви граници.
Разбирањето и воспитувањето можат да одат рака под рака. Тоа не е строга диктатура, туку базична почит кон сопственото дете и кон заедницата.
Децата не се раѓаат со изградено чувство за општествени правила, тие ги учат од родителите, наставниците и од примерот што го гледаат секој ден. Паметниот телефон може да им се купи, патувањето да им се плати, а идолот да им се донесе пред очи. Но, почитта кон другите не се купува, таа се носи од дома.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата