ХЕМИКАЛИИТЕ ВО ОБЛЕКАТА И ИГРАЧКИТЕ СТАНУВААТ ГЛОБАЛНА ЗДРАВСТВЕНА ЗАКАНА

Vecer | 18.11.2026

ХЕМИКАЛИИТЕ ВО ОБЛЕКАТА И ИГРАЧКИТЕ СТАНУВААТ ГЛОБАЛНА ЗДРАВСТВЕНА ЗАКАНА
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Супстанциите познати како ендокрини дисруптори (нарушувачи) присутни се во производи како што се играчки, козметика, градежни материјали и облека, претставувајќи растечка глобална закана за здравјето на луѓето и животната средина, предупредува неодамнешниот извештај на Програмата на Обединетите нации за животна средина и Светската здравствена организација (СЗО).

Овие супстанции влијаат врз ендокриниот систем така што го имитираат или го блокираат дејството на хормоните. Истражувањата укажуваат на сè појасни врски помеѓу овие супстанции и широк спектар на болести, објави денес весникот Le Figaro.

Според извештајот – кој се заснова на 14-годишно истражување објавено во вторникот вечерта – трошоците за здравјето и животната средина поврзани со овие супстанции се проценуваат на над еден трилион долари годишно.

Кои болести ги предизвикуваат овие супстанции?

Досега се идентификувани приближно илјада вакви хемикалии; сепак, експертите посочуваат дека многу од нив не се соодветно проучени, а нивните ефекти остануваат непознати.

Анализата, која опфаќа илјадници студии за супстанции како што се бисфенолите, фталатите и парабените, нагласува дека научните докази се јасни, додека постојните прописи што ја регулираат нивната употреба се „недоследни и недоволни“.

Анализата покажува дека овие супстанции придонесуваат за нарушувања на ендокриниот систем и проблеми со репродуктивното здравје, како што е намаленото производство на сперматозоиди. Истовремено, постојат сè повеќе докази што сугерираат дека тие играат улога и во појавата на дијабетес тип 2 и астма – состојби чиј број на заболени нагло расте во светот. Во меѓувреме, сè уште се собираат докази за нивната поврзаност со кардиоваскуларните болести.

Влијание врз здравјето дури и при ниски концентрации

Лора Ванденберг, коавторка на студијата и професорка по науки за здравјето на животната средина на Универзитетот во Масачусетс Амхерст, предупреди дека ризикот е значителен: ендокрините нарушувачи се присутни насекаде и можат да влијаат врз здравјето дури и при многу ниски концентрации.

Меѓу најранливите групи се работниците во хемиската индустрија и секторот за рециклирање, особено во земјите со слаби регулаторни рамки.

„Мораме да го запреме растот на производството на пластика, да ја намалиме изложеноста на ендокрини нарушувачи и да ги забраниме оние што се најопасни“, заклучи Трејси Вудраф, коавторка на студијата и професорка на Универзитетот Стенфорд.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk