Сликата „Костени во цут“ од 1890 година на холандскиот сликар Винсент ван Гог, чија продажба беше доведена во прашање, сепак ќе се најде на аукцијата на „Сотбис“, откако беше постигнат договор со наследниците на поранешниот сопственик Самуел Фишер, кој тврдеше дека семејството било принудено да ја продаде сликата под притисок на нацистичкиот режим.
Сликата прикажува расцутени костени покрај патот, со луѓе што минуваат, а е создадена во мај 1890 година во Овер-сур-Оаз, Франција, два месеци пред смртта на Ван Гог. Таа има проценета вредност од најмалку 180 милиони долари (163,3 милиони евра), што ја прави најскапото дело на Ван Гог некогаш продадено, пишува „Шпигел“.
Сликата ја нуди на аукција семејството Блакиер-Ариета, кое, според „Сотбис“, ја стекнало во 1975 година. Меѓутоа, потомците на германскиот издавач Самуел Фишер, кој ја стекнал сликата во Париз во 1909 година, се спротивставиле на аукцијата, наведувајќи дека семејството ја продало во 1936 година под финансиски притисок поради нацистичкиот прогон.
Адвокатот од Берлин, Гунар Шнабел, во име на наследниците побарал доказ дека еврејското семејство ја продало сликата по нејзината моментална пазарна вредност, без оглед на политичката ситуација во Германија. Во вторник, само еден ден пред закажаната аукција, „Сотбис“ објави дека е постигнат договор меѓу семејството Блакиер-Ариета и сите законски потомци на Хедвиг и Самуел Фишер во врска со продажбата. Со тоа, делото ќе биде понудено на аукција од колекцијата Блакиер-Ариета, заедно со сликата „Арлекин“ од Пол Сезан, за која се очекува исто така да достигне рекордна цена.
„Сотбис“ претходно соопшти дека спровел обемно истражување за историјата на сопственост на сликата „Костени во цут“, која била подарена на сопственик на галерија од Амстердам помеѓу 1932 и 1933 година, а потоа продадена за 68.000 швајцарски франци во јуни 1936 година.
Од аукциската куќа додадоа дека нивната истрага сè уште не открила никакви докази дека сликата била продадена под принуда или под пазарната вредност.
Најскапото дело на Ван Гог досега е „Овоштарник со чемпреси“, кое беше продадено на аукција во 2022 година за 117,2 милиони долари.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата