Комисијата за безбедност на потрошувачки производи на САД (ЦПСЦ) предупредува дека серија од светски популарните меки играчки што содржат водени перли, познати како „дамплинг“, можат да бидат опасни ако се проголтаат или ако се загреваат, а во САД веќе се забележани повеќе случаи на сериозни здравствени последици и компликации кај деца, пишува „Борд панда“.
Овие играчки годинава станаа неверојатно популарни ширум светот, а тие се продаваат и во Македонија, во секоја продавница за играчки. „Виралните“ топчести „кнедли“ од мек пластичен материјал се хит кај помалите деца, а токму тоа ја зголемува опасноста и ја нагласува потребата од надзор и внимателност, велат американските надлежни служби.
Посебно опасно, според ЦПСЦ, е „дамплингот“ да се загрева или да се изложува подолго време на сонце, кога може да пукне и потенцијално да предизвика проблеми. Во САД неодамна е забележан случај во кој играчката била оставена во автомобил кој бил на сонце, а тоа го ослабнало материјалот, а детето се здобило со сериозни изгореници кога го стиснало „дамплингот“ и течноста се разлеала.
Друг случај, во Британија, е забележан кај 10-годишно девојче, кое учествувало во тикток-предизвик кој вклучувал загревање на играчката во микробранова печка. Според извештаите, таа му експлодира во лице на 10-годишното девојче, кое, како што изјавила неговата мајка, имало тешки изгореници на лицето.

ЦПСЦ наложи од продажба во САД да се повлечат серии од два вида меки играчки од кинески производители: „Сквиши дамплинг“ („Стискачка кнедла“) од производителот GIHNJSI и „Рејнбоу мистери сквиши бан“ („Rainbow Mystery Squishy Bun“), произведена од OKK Trading. Двете играчки содржат водени перли, кои нагло и значително нараснуваат кога ќе дојдат во контакт со течност, пишува порталот.
Доколку детето ги проголта овие перли, тие може да нараснат во дигестивниот тракт и да предизвика опструкција во цревата и дури и задушување. ЦПСЦ опасноста ја опишува во распон од „сериозна непријатност“ до „ризик од смрт“.
Околу 8.000 играчки „дамплинг“ се вклучени во последното повлекувањето. Од продажба се повлечени и повеќе од 7.200 играчки „Rainbow Mystery Squishy Bun “. Конкретните серии биле продадени низ САД меѓу мај и август 2026 година.
CPSC соопшти дека во времето на предупредувањето, немало пријавени повреди од конкретните производи, кои се повлечени превентивно.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата