Тајландскиот оддел за морски и крајбрежни ресурси (DMCR) го засили надзорот над појавата на смртоносните кубомедузи, познати и како морски оси, долж брегот, откако 13-годишно момче почина од последици на убод. Момчето страдаше додека пливаше кај плажата Бан Фаи Тха во округот Сичон, во покраината Након Си Тамарат, пишува Thai PBS World.
Тајландскиот министер за природни ресурси и животна средина, Сучарт Чомклин, изрази длабоко сочувство до семејството на момчето и загриженост за жителите и посетителите на крајбрежните области. Тој му наложи на DMCR во блиска соработка со надлежните служби да ги засили безбедносните мерки за да се спречат слични трагедии.
Генералниот директор на DMCR, Пинсак Сурасвади, изјави дека на регионалните официјални лица им е наредено да соработуваат со покраинските власти, здравствените служби, локалните управи и компаниите кои работат долж плажите. Ризичните подрачја мора непрекинато да се надгледуваат, а јавноста навремено да се предупредува.

Упатства за капачите и туристите
На капачите им се советува да не влегуваат во морето доколку забележат отровни медузи, строго да се придржуваат до упатствата на спасувачите и никогаш да не ги допираат медузите со голи раце. По смртта на момчето, DMCR, во соработка со здравствените служби, повторно ги објави упатствата за правилно пружање прва помош доколку дојде до убод од кубомедуза.
Станици со оцет поставени по плажите
Властите посебно предупредуваат дека повреденото место не смее да се полива со слатка вода, обична вода или алкохол. Зафатеното подрачје исто така не смее да се трие, чеша или масира, бидејќи тоа го поттикнува дополнителното испуштање отров во крвотокот, што може да има смртоносни последици.
Официјалните лица нагласија дека оцетот го запира понатамошното испуштање отров, но не ја ублажува болката. Топли или ладни облоги за ублажувања на болката смеат да се употребат дури откако местото доволно долго се испирало со оцет.
За да овозможи што побржа реакција, DMCR на јавните плажи со висок ризик постави станици со оцет и табли со упатства за прва помош, а пред сезоната на зголемен ризик организира и обуки за туристичките работници.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата