Светскиот економски форум го објави новото издание на својот Индекс за развој на патувањата и туризмот (TTDI) за 2026 година, а Јапонија се наоѓа на самиот врв на листата како најдобра земја за туризам. Европа ја потврди својата сила како туристичка велесила, со дури шест земји меѓу првите десет на ранг-листата.
Индексот не ја мери само популарноста на дестинацијата, туку анализира и низа клучни фактори за одржлив и отпорен развој на туристичкиот сектор. Се земаат предвид транспортната и туристичката инфраструктура, безбедноста, ценовната конкурентност, природните и културните ресурси, отвореноста за патувања и одржливоста. Во рамките на овие категории се оценуваат и хотелските цени, визните барања, ефикасноста на јавниот превоз и бројот на локалитети под заштита на УНЕСКО. Овогодишната анализа опфати 110 земји.
Топ 10 земји за патувања и туризам:
- Јапонија
- САД
- Шпанија
- Австралија
- Франција
- Германија
- Обединетото Кралство
- Кина
- Швајцарија
- Италија
Јапонија на врвот, Европа доминира
Јапонија го презеде водството оваа година, искачувајќи се за две места и престигнувајќи ги САД. Светскиот економски форум ги истакнува напорите на Јапонија да ги прошири туристичките текови надвор од најпознатите дестинации и да привлече посетители од поширок спектар на земји. Минатата, 2025 година, Јапонија забележа рекордни 42,7 милиони меѓународни посетители.

САД се на второто место, а по нив следува Шпанија како најдобро рангирана европска земја. Меѓу првите десет се најдоа и Австралија, Франција, Германија, Обединетото Кралство, Кина, Швајцарија и Италија. Иако составот на првите десет земји останува ист како во 2024 година, нивниот редослед е променет. Кина е единствената земја надвор од групата на развиени економии што се наоѓа во топ 10.
Секторот расте, но предизвиците остануваат
Извештајот исто така покажува значително закрепнување на туристичкиот сектор во последните две години. Дури 92% од 110-те анализирани економии, односно 101 од нив, ги подобрија своите резултати во периодот меѓу 2024 и 2026 година. Просечниот резултат на индексот порасна за 2,1%, што претставува најбрз пораст од 2019 година наваму.
„Најновиот Индекс за развој на патувањата и туризмот покажува дека условите што го овозможуваат развојот на патувањата и туризмот се на највисоко ниво од почетокот на пандемијата, при што 92% од економиите бележат напредок од 2024 година“, истакна Рамја Кришнасвами од Светскиот економски форум.
„Следното поглавје не се однесува само на привлекување повеќе посетители; станува збор за создавање поголема вредност преку инвестирање во луѓето, инфраструктурата и посилната соработка меѓу јавниот и приватниот сектор, со цел туризмот да донесе трајни придобивки за заедниците, бизнисите и дестинациите.“
Сепак, порастот на бројот на патници носи и нови предизвици, меѓу кои се зголемените трошоци за патување, недоволните инвестиции во инфраструктурата, недостигот на работна сила и притисокот што големиот број посетители го врши врз локалните заедници, јавните услуги и животната средина.
Албанија постигна најголем напредок
Иако водечките позиции главно им припаѓаат на економии со развиен туризам, најголем скок на ранг-листата постигна Албанија. Нејзиниот резултат се зголеми за 7% во периодот меѓу 2024 и 2026 година, што претставува најголемо подобрување меѓу сите анализирани земји.
Напредокот е поврзан со подобрувањето на туристичките услуги, воздушниот сообраќај, како и копнената и пристанишната инфраструктура. Во извештајот се наведува и дека земјата „имала корист од тоа што на посетителите им нуди попристапна алтернатива во споредба со соседните дестинации, а истовремено обезбедува привлечно туристичко искуство“.
Истовремено, голем дел од најбрзиот напредок се случува во регионот на Азија и Пацификот. Земјите што, покрај Албанија, постигнале најголем напредок се Виетнам, Лаос, Катар, Малезија, Тајланд, Филипините, Мароко, Непал и Шри Ланка.
Резултатите, според тоа, покажуваат дека успехот во туризмот повеќе не е само прашање на привлекување што е можно повеќе гости. Сè поважно станува тоа колку успешно дестинациите успеваат да инвестираат во инфраструктурата и луѓето, да управуваат со растот на туризмот и да ги пренесат неговите долгорочни придобивки на локалните заедници.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата