ГУСТА ШУМА СНИМЕНА НА МАРС? Но, што недостасува...

Vecer | 20.11.2026

ГУСТА ШУМА СНИМЕНА НА МАРС? Но, што недостасува...
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Густа шума од високи, темни дрвја среде замрзнатите дини на Марс. Токму така изгледа необичната фотографија што ја направило леталото на НАСА во близина на северниот пол на Црвената планета.

На снимката се забележуваат десетици темни облици што личат на стебла и разгранети крошни. Но има еден необичен детаљ – ниту едно од „дрвјата“ не фрла сенка.

Фотографијата е направена во април 2008 година со камерата Хајрајс (HiRISE), поставена на Марсовиот извидувачки орбитер на НАСА. Американската вселенска агенција ја има објавено и во својата галерија на астрономски фотографии, а денес повторно го привлече вниманието преку напис на „Сајенс алерт“.

Иако сцената изгледа како доказ за вегетација, станува збор за оптичка илузија. Темните облици всушност се траги од песок што се лизга по замрзнатите падини.

Интересно е што камерата успеала да сними и мал облак прашина. Тој се кревал токму во моментот кога песокот се спуштал по една од дините.

Така научниците добиле непосреден доказ дека необичните облици се создаваат со движење на материјалот по површината.

Како на Марс „растат“ дрвја?

Објаснувањето се крие во годишните времиња на Црвената планета.

Во текот на марсовската зима, јаглерод диоксидот од атмосферата замрзнува и ги покрива поларните области со сув мраз.

Кога доаѓа пролетта, сончевите зраци постепено ја загреваат површината. Мразот почнува да сублимира, односно директно да преминува од цврста во гасовита состојба.

Дел од сончевата светлина продира низ проѕирниот мраз и ја загрева почвата под него. Создадениот гас се собира под замрзнатата покривка, при што притисокот постепено расте.

Кога гасот ќе избие низ пукнатините, со себе исфрла и темен песок. Материјалот потоа се лизга по падините и остава долги, разгранети траги.

Гледани од орбитата, тие траги создаваат впечаток на шума.

Песочните дини се поместуваат и по неколку метри

Истражување објавено во 2011 година покажало дека сезонските промени значително го преобликуваат марсовскиот пејзаж.

Научен тим предводен од планетарната научничка Кандис Хансен-Кохарчек споредувал фотографии направени во различни периоди.

На дел од дините со црвен марсовски песок се појавиле нови вдлабнатини, додека во нивното подножје се наталожиле свежи наслаги песок.

Мерењата на 5 дини покажале дека долните рабови на нивните падини се поместиле меѓу 2,2 и 4,7 метри за една марсовска година.

Со доаѓањето на летото, сезонскиот мраз исчезнува, а ветровите постепено ги преобликуваат песочните површини. Кога повторно ќе дојде зимата, дините замрзнуваат и се создаваат услови за нови темни траги следната пролет.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk