Берзанскиот дебит на „Антропик“, една од најголемите компании за вештачка интелигенција, преку ноќ создаде илјадници милионери меѓу нејзините вработени. Речиси целиот персонал доби акции чија вредност надминува милион долари, а стотици сега располагаат со богатство од десетици, па и стотици милиони долари.
Според регулаторните податоци, компанијата во септември имала 5.300 вработени. По почетната јавна понуда (IPO), при која цената на акцијата беше утврдена на 83 долари, уделите на околу 600 вработени достигнале вредност од над 100 милиони долари. Податоците ги објавила платформата „Хил“, која ги следи акциите на приватните компании, а ги пренесува Си-ен-ен.
5.100 вработени сега имаат капитал од над милион долари
Анализата покажува дека 2.800 вработени, кои во компанијата неформално ги нарекуваат „Мравки“ (Ants), поседуваат акции вредни повеќе од 10 милиони долари. Вкупно 5.100 вработени, односно 96 отсто од персоналот, имаат капитал над еден милион долари.
„Најизненадувачка е брзината со која сето ова се случи“, изјавил за Си-ен-ен Ендру Бенсон, основач и директор на „Хил“.
Тој додава дека „Антропик“ бележел експлозивен раст и дека одливот на вработени бил мал, бидејќи многумина биле свесни за финансиската можност што би ја пропуштиле доколку заминат пред компанијата да излезе на берза.
Зошто раното вработување во технолошките компании може да вреди милиони?
Моделот на компензација со акции е добро познат во Силиконската долина. Стартапите, кои често немаат големи резерви на готовина, на вработените им нудат комбинација од плата и удели во компанијата. Потенцијалниот излез на берза или продажба на компанијата претставува мотив за вработените да останат и да придонесат во нејзиниот раст.
Но, ретко која компанија остварува толку брз раст како „Антропик“. Основана во 2021 година, компанијата кон крајот на 2024 година имала помалку од 1.000 вработени.
Според Бенсон, во технолошките стартапи времето кога некој се приклучил на компанијата може да биде поважно од неговата позиција во хиерархијата.
„Можете да бидете на најниското ниво во хиерархијата, но ако сте се приклучиле во 2023 или 2024 година, веројатно ќе поминете многу подобро од директор кој се вработил на почетокот на оваа година“, објаснува тој.
Вработените можеле да продадат акции уште првиот ден
Излегувањето на „Антропик“ на берза има уште една специфичност. Вработените кои не се основачи добиле можност да продаваат дел од своите акции уште на првиот ден од тргувањето.
Вообичаено, по излегувањето на компанијата на берза, вработените мора да чекаат да истече периодот на забрана за продажба, познат како „lock-up“, кој најчесто трае од три до шест месеци. „Антропик“ им овозможил на вработените, според постепено утврден распоред, да продадат до 10 отсто од акциите веднаш на почетокот на тргувањето. Засега не е познато колкумина ја искористиле оваа можност.
За споредба, излегувањето на „Спејс икс“ на берза во јуни создаде околу 4.400 милионери меѓу 22.000 вработени, по повеќе од две децении работење како приватна компанија.
Сан Франциско добива нов бран милионери
За разлика од „Спејс икс“, чии вработени се распоредени низ Тексас, Калифорнија и Флорида, „Антропик“ има силна концентрација на вработени во Сан Франциско. Наглото зголемување на бројот на милионери во градот може дополнително да влијае врз пазарот на недвижности, кој веќе бележи значителен раст под влијание на технолошкиот капитал.
Според податоците на „Редфин“, просечната куќа во Сан Франциско во октомври се продавала за 1,7 милиони долари, што е раст од речиси 19 отсто на годишно ниво. За споредба, медијалната цена на куќа во САД останала речиси непроменета и изнесувала околу 416.700 долари, според Националната асоцијација на агенти за недвижности.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата