Древните Инки жртвувале деца кои претходно биле дрогирани со кокаин, силни халуциногени, а во некои случаи и со алкохол, покажа новото истражување објавено во списанието „Антиквити“.
Откритието носи нови, морничави детали за тоа како тој народ им оддавал почит на своите богови, пишува „Сајантифик американ“.
За време на владеењето на Царството на Инките, кое од 13 до 16 век се протегало на голем дел од Јужна Америка, децата и младите жени редовно биле жртвувани на важни божества во обред познат како капакоча. Требало да служат како гласници меѓу живите и божествата, а обредите се изведувале за повторно да се воспостави рамнотежа по настани како глад или суша.
Пред смртта, избраните биле одведувани во Куско, престолнината на Царството на Инките, или во храмови распространети низ целото царство. За време на подготовките на децата им биле давани различни психоактивни растенија. Поранешните истражувања покажаа дека меѓу нив била и коката, растение од кое се добива кокаин, но анализите на другите супстанции главно давале неодредени или негативни резултати.
- Сакавме да утврдиме поширок опсег на психоактивни супстанции што им биле давани на децата и да истражиме дали обрасците на нивната употреба можат да дадат нови сознанија за тоа како се спроведувале обредите капакоча на различни локации - изјави Дагмара Соха, археолог од Универзитетот во Варшава. Таа додаде дека поновите достигнувања во токсикологијата овозможуваат откривање и на многу ниски концентрации на такви супстанции.
Траги на останките
Соха и нејзиниот тим анализирале примероци од коса и нокти на осум тела пронајдени во близина на неколку наоѓалишта поврзани со обредно жртвување во Перу и Аргентина. Во секое пронашле барем една опојна супстанција. Сите тела содржеле траги од кокаин и бензоилекгонин, хемиско соединение кое настанува кога телото ја разградува таа дрога. Кокаинот можеби им бил даван на децата за полесно да ја поднесат висинската болест и заморот за време на искачувањето на планините на кои се одвивале жртвувањата.
Во четири мумифицирани тела биле пронајдени и траги од алкохол, кој веројатно потекнувал од чича, пиво произведено од пченка. Историските записи покажуваат дека тој пијалак им се давал на децата за да се смират за време на завршните делови од обредот. Во едно тело биле пронајдени траги од хармин, соединение кое претходно било откриено и на едно од наоѓалиштата, заедно со хемиската супстанција хармалин. Двете соединенија се наоѓаат во халуциногениот напиток ајахуаска.
- Харминот е алкалоид поврзан со видовите на растението банистериопсис, едно од главните растенија што традиционално се користат во подготовката на ајахуаската - рече Соха. Според неа, наодот би можел да упатува на тоа дека напитокот што содржи хармин имал посебна улога во обредите поврзани со таа света планина.
Ритуали приспособени на пригодата
Соха и нејзините колеги не ја исклучиле можноста на децата да им биле давани и други супстанции кои денешната технологија сè уште не може да ги открие. Сепак, разликите меѓу резултатите од анализите покажуваат дека обредот капакоча не бил секогаш ист, туку можел да се разликува во зависност од географското подрачје и божеството на кое му бил посветен.
- По петстотини години откако тие деца биле жртвувани во еден од најважните обреди на Инките, новите технологии ни овозможуваат откривање поединости за нивниот живот и верските практики на Инките - изјави Соха.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата