Еден древен ракопис, кој со години одолеваше на обидите за дешифрирање, можеби не е толку голема енигма како што изгледа. Научниците тврдат дека страниците се подредени по погрешен редослед – факт што би можел да го открие значењето на мистериозниот текст.
Војничевиот ракопис од XV век – кој врвни криптографи се обидуваа да го дешифрираат уште од неговото откривање во 1912 година – можеби не е толку збунувачки како што претходно се сметаше; проблемот можеби е едноставно во тоа што луѓето се обидувале да ги читаат страниците по погрешен редослед. Ова тврдење го изнесуваат Колин Лејфилд и Лиза Фејгин Дејвис во статија објавена во списанието Digital Medievalist.
Именуван според полскиот трговец, колекционер и авантурист Вилфрид Мајкл Војнич (1865–1930) – кој го набавил од језуитите во Вила Мондрагоне во Италија во 1912 година – ракописот се состои од страници исполнети со ботанички цртежи, астрономски дијаграми, илустрации на голи жени и текст што не може да се дешифрира. Документот содржи 240 страници, иако се проценува дека првично ги имало најмалку 270. Теориите за неговата природа се движат од книга напишана на изгубен јазик, музичка партитура или некаков вид прирачник, па сè до вешто изведена измама. Што и да е, никој досега не успеал да го дешифрира, и покрај обидите на бројни криптографи, вклучувајќи ги Алан Тјуринг и експерти од ФБИ. Во својот труд, Колин Лејфилд и Лиза Фејгин Дејвис претпоставуваат дека страниците на ракописот првично биле редени една врз друга, но веројатно биле погрешно поврзани кон крајот на XV век. Конкретно, тоа значи дека еден лист хартија бил превиткуван за да се чита како брошура од четири страници, а потоа тие брошури биле редени една врз друга. Брошурите веројатно биле погрешно отворани – како две страници од книга – а потоа редени една врз друга и поврзувани во средината за да се добие книга. На тој начин, страниците што требало да се читаат една по друга биле одвоени од страниците што припаѓале на други брошури.
Иако откритието на научниците не го дешифрираше автоматски ракописот, тие сметаат дека тоа претставува важен чекор во неговото толкување. „Иако многумина би сакале да веруваат во приказната дека ракописот е дело на некој луд гениј што го напишал на својот таван во средновековен Лондон, или нешто слично, доказите укажуваат на нешто многу пообично – можеби станува збор само за збирка знаења собрани од повеќе луѓе, кои се пренесувале од генерација на генерација. Толку од идејата за осамен гениј“, коментираат тие во својот труд.
Дејвис додава дека палеографската анализа покажала оти ракописот е напишан од петмина различни препишувачи. Некои од цртежите во ракописот потсетуваат на женскиот репродуктивен систем, додека други се однесуваат на лековити растенија или на астрологија. „Кога сè ќе се земе предвид, книгата почнува да личи на збирка што го зачувува женското народно знаење. Но, тоа сè уште не можеме да го докажеме“, додаде Дејвис.
Ракописот првпат се спомнува во XVII век. Кога во 2009 година беше подложен на датирање со јаглерод-14, се утврди дека е создаден во периодот меѓу 1404 и 1438 година. Иако ракописот е погрешно поврзан – според мислењето на научниците – веројатно токму тој факт овозможил тој да опстане до денес.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата