Данска се подготвува за драматичен пресврт во својот образовен систем кој предизвика жестоки дебати низ цела Европа! Централно-левичарската влада во Копенхаген подготви нов закон со кој на наставниците им се даваат драстично поголеми овластувања за одржување на редот – вклучително и можност со примена на физичка сила да задржат ученик или насилно да го извлечат од училницата, доколку го попречува часот.
Оваа иницијатива, која според британски „Телеграф“ е една од најоспоруваните реформи во земјата во последните неколку децении, треба да стапи на сила од август 2027 година. Со ова практично се менуваат строгите правила поставени уште во далечната 1967 година со забраната за телесно казнување, каде што наставниците смееја да употребат сила исклучиво кога беа загрозени животите, безбедноста или училишниот имот.
Барањето за радикални промени доаѓа директно од Синдикатот на наставници по шокантните податоци од истражувањето на Министерството за образование. Извештајот открива застрашувачки бројки според кои во над 55 отсто од одделенијата било пријавено физичко насилство меѓу учениците во текот на годината. Кај најмалите дечиња, односно од нулто до трето одделение, инциденти и агресија се регистрирани во дури 75 отсто од одделенијата, а дополнително секој трет наставник признал дека се плашел физички да интервенира во крвави пресметки од страв да не добие отказ или тужба од родителите.
Министерот за образование, Магнус Хојнике, децидно порача дека наставниците не смеат да бидат оставени во недоумица за тоа што смеат да направат кога ситуацијата ќе ескалира и дека ниту еден наставник не треба да се плаши од отказ затоа што спречил насилство во училницата.
Новиот предлог-закон сепак наиде на жежок отпор и револт кај голем дел од експертите и организациите за човекови права. Над 500 образовни работници и НВО потпишаа протестна реакција, а директорот на Националното здружение за правата на децата, Расмус Кјелдал, предупреди дека довербата меѓу децата и наставниците ќе биде целосно уништена доколку наставниците почнат да се однесуваат како полицајци во училниците.
Останува отворено прашањето дали данскиот парламент ќе го изгласа овој контроверзен закон кој враќа децениски дебати за дисциплината, авторитетот и контролата врз децата во училишните клупи.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата