Необична животна приказна доби нов почеток во Грција – 54-годишната Кристина Рапти-Целепи роди девојче од ембрион кој бил замрзнат повеќе од две децении. Само неколку месеци пред раѓањето, таа го загубила својот 21-годишен син во сообраќајна несреќа.
Ембрионот бил создаден во 2004 година, во истиот циклус на ин витро оплодување при кој Кристина го зачнала синот. Еден од ембрионите бил искористен тогаш, а друг останал замрзнат повеќе од 22 години.

Необичната приказна ја објави гинекологот Константинос Пантос од приватната клиника „Џенезис“ во Атина. Тој наведе дека раѓањето за Кристина има особено силно емотивно значење.
Во 2004 година, Кристина по првиот трансфер на ембриони успешно ја изнела бременоста и родила здраво момче. Синот пораснал, но во октомври 2025 година семејството го погодила трагедија – 21-годишниот млад човек загинал во сообраќајна несреќа.
Еден од ембрионите од истиот циклус останал замрзнат. Во декември 2025 година, само неколку месеци по смртта на синот, Кристина го искористила ембрионот за нова бременост.
Бременоста завршила со раѓање девојче во септември 2026 година. Според лекарот, новороденчето потекнува од истата група ембриони како и ембрионот со кој Кристина го зачнала својот син пред повеќе од две децении.
Кристина во моментот на постапката имала 54 години, што според објавените информации е максималната дозволена возраст за ин витро оплодување во Грција.
Нејзиниот сопруг изјавил дека семејството се соочило со трка со времето за да ја реализира постапката, а истовремено повикал на укинување на старосната граница.
Тој посочил дека повозрасните жени можат да понудат зрелост, свесна и безусловна љубов и стабилност, вредности кои, според него, не можат целосно да се измерaт само преку статистички податоци.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата