Ако постои нешто што особено сакаме да го правиме за време на постудените есенски денови, тоа е да создадеме пријатна домашна атмосфера со печење вкусен колач. Ова е време кога уживаме во топли вкусови и сезонски состојки, а малку нешта ја доловуваат есента толку добро како циметот.
Ролничките со цимет станаа исклучително популарен десерт во последните месеци, но ние наидовме на еден интересен рецепт кој е уште поедноставен за подготовка. Станува збор за мермер-колач со вкус на цимет, кој собра илјадници прегледи и позитивни коментари на TikTok. Токму затоа, ова може да биде совршениот рецепт за да ја засладите вашата секојдневна рутина. Еве ги деталните упатства за подготовка!
Состојки:
Состојки за колачот:
- 2 јајца
- 130 г шеќер
- 80 мл масло
- 40 г растопен путер
- 160 мл млеко
- 190 г брашно
- 2 лажички прашок за печиво
- ¼ лажичка сода-бикарбона
Состојки за смесата со цимет:
- 25 г кафеав шеќер
- 25 г растопен путер
- 2 лажички цимет
- ⅓ од смесата за колачот
Состојки за преливот:
- 60 г путер
- 2–3 лажици шеќер во прав
- 160 г крем-сирење
- Екстракт од ванила
Подготовка:
Ставете ги јајцата и шеќерот во сад и добро измешајте ги. Потоа, во смесата додадете ги млекото, маслото и растопениот путер. Сè добро измешајте, па на крајот додадете ги брашното, прашокот за печиво и содата-бикарбона. Откако ќе добиете хомогена смеса без грутчиња, оставете ја на страна.
Во посебен сад, соединете ги кафеавиот шеќер, растопениот путер и двете лажички цимет. Добро измешајте, а потоа во оваа смеса додадете една третина од смесата за колачот. Сè заедно измешајте додека смесата не стане хомогена.
Истурете ја обичната смеса (без цимет) во калапот за колач и рамномерно распоредете ја, а потоа додадете ја преостанатата третина – онаа со цимет – по средината. Со помош на лажица, направете шари во средината на колачот со кружни движења. Печете на 180°C од 35 до 40 минути, а потоа оставете го колачот да се излади.
Во меѓувреме, подгответе го преливот за декорација. Ставете ги сите состојки во сад и добро измешајте додека не добиете мазна смеса. Откако колачот целосно ќе се излади, премачкајте го преливот одозгора како глазура и, по желба, посипете со цимет!
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата