Одлуката на охридскиот суда на напаѓачот Кристијан Карабоски кој ја претепа и тешко повреди девојката Сара Ѓорѓиевска да не му се определи притвор од 30 дена силно ја вознемири севкупната јавност до мерка што целиот охридски и државен врв вчера и денес даваше изјави не само за осуда на насилството, туку и за осуда на обвинителот и судијата кој го пуштил нансилникот дома откако дал изјава.
Предметот за насилството врз Сара Ѓорѓиевска во Охрид треба да го преземе јавно обвинителство од апелационото подрачје на Скопје или Штип, со цел да се отстрани секој сомнеж за можно влијание врз постапката. Ова го предлага адвокатот и поранешен судија а сега адвокат, Владимир Туфегџиќ, по информациите и сомнежите што се појавија во јавноста за постапувањето на полицијата, обвинителството и судот во Охрид.
Туфегџиќ оценува дека ваквото решение би било најобјективно и во интерес на целосно и непристрасно расветлување на случајот.
„Според околностите на случајот за насилството во Охрид, како и сомнежите и шпекулациите изнесени во јавноста за влијание врз судот и обвинителството, а со цел да се отклони секаков сомнеж за влијание врз одлучувањето во текот на постапката врз судот и обвинителството во Охрид, најобјективно, а воедно и во интерес на постапката, е државното обвинителство да определи во овој предмет да постапува јавно обвинителство на апелационото подрачје Штип или Скопје“, напиша Туфегџиќ.
Тој изнесува и сериозна оценка за влијанието на локалните моќници врз институциите, особено во кривичните постапки.
„Реално, сакале ние тоа да го прифатиме или не, локалната средина и влијанието на локалните моќници врз полицијата, обвинителството и судот имаат огромно влијание врз текот и исходот во вакви кривични постапки“, наведува Туфегџиќ.
Неговата реакција следува откако Скопје1 објави дека, според неофицијални информации, предметот за претепаната Сара ќе го преземе обвинителката Викторија Коваческа Мандулоска, наместо обвинителот Стојанче Арнаудоски, кој досега постапувал по случајот.
Предлогот на Туфегџиќ оди чекор понатаму од евентуалната промена на обвинителот во рамките на ОЈО Охрид. Тој смета дека предметот треба да биде доверен на обвинителство надвор од локалната средина, за да се заштити довербата во постапката и да се отстранат сомнежите за влијание врз нејзиниот исход.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата