logo
logo
logo

Слатко, кисело и ароматично: СОВРШЕН РЕЦЕПТ ЗА ДОМАШНО ЗИМСКО МОХИТО

Vecer | 17.08.2026

Слатко, кисело и ароматично: СОВРШЕН РЕЦЕПТ ЗА ДОМАШНО ЗИМСКО МОХИТО

Мохитото е еден од најпознатите летни коктели, препознатлив по освежителната комбинација на лимета, свежо нане, шеќер, рум и сода-вода. Со потекло од Куба, стана светски класик благодарение на лесниот, цитрусен вкус кој посебно годи за време на врелите летни денови. Класичниот рецепт за мохито денес има безброј варијации – од мохито со јагоди, малини, лубеница или манго, до верзии со краставица и други ароматични додатоци. Популарно е и безалкохолното мохито, во кое румот едноставно се изоставува, додека лимета, нането, мразот и газираната вода остануваат основа за освежителен летен пијалак.

Ниту јаболката не му одолеаја на овој тренд, па ако ги имате во изобилие, дел од нив можете да искористите за малку поинаков компoт и слободно да го наречете – мохито зимница. Додајте им лимон, портокал и свежа нане и ќе добиете освежителен, слатко-кисел пијалак кој по вкусот потсетува на домашна лимонада.

Рецепт за зимско мохито со јаболка

За тегла од три литри потребни се само 500 грама јаболка, па ова е одличен начин од релативно мала количина овошје да направите зимница за целото семејство.

Потребно е:

  • 500 г јаболка
  • 4 полукругови портокал
  • 2 полукругови лимон
  • околу 10 листови свежо нане
  • 180–200 г шеќер
  • околу 2,5 л вода

Подготовка:

Изберете цврсти и здрави јаболка, добро измијте ги, исечете ги на четвртини и отстранете ги семките и тврдиот средишен дел. Ако плодовите се крупни, исечете ги на помали парчиња. Лимонот и портокалот добро измијте ги и исечете ги на тенки полукругови. Задолжително извадете ги коските бидејќи за време на подолго стоење можат да му дадат несакана горчина на пијалакот.

Во претходно подготвената тегла ставете ги јаболката, портокалот, лимонот и измиените листови свежо нане. Прелијте со зовриена вода до врвот, поклопете и оставете го овошјето да се загрее и да почне да ја ослободува аромата.

Течноста од теглата внимателно истурете ја во тенџере. Додајте го шеќерот и загревајте до зовривање, со мешање, додека шеќерот целосно не се растопи.

Врелиот сируп веднаш прелијте го преку овошјето, сè до врвот на теглата, а потоа херметички затворете ја со подготвениот капак. Проверете дали теглата некаде тече, оставете ја целосно да се излади, а потоа чувајте ја на ладно и темно место.

Ако јаболката се слатки, намалете го шеќерот

Количината на шеќер прилагодете ја според овошјето. Ако користите природно слатки јаболка, 180 грама ќе бидат сосема доволни, додека кај покиселите сорти можете да додадете околу 200 грама.

Не претерувајте ниту со лимонот. Неговата улога е да донесе пријатна свежина и блага киселкаста нота, а не да го потисне вкусот на јаболкото.

Пред служење ставете ја теглата неколку часа во ладилник. Добро разладено, ова домашно мохито од јаболка ќе биде интересна алтернатива на класичните компоти.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk