logo
logo
logo

МАГИЈАТА НА КОСТЕНОТ ‒ ОД СУПА ДО ТИРАМИСУ

Vecer | 07.10.2026

МАГИЈАТА НА КОСТЕНОТ ‒ ОД СУПА ДО ТИРАМИСУ

Костените имаат релативно ниска калориска вредност и се богати со витамин Ц; всушност, 100 грама костени содржат 43 милиграми – што е повеќе од 50 проценти од препорачаниот дневен внес. Витаминот Ц е важен антиоксиданс кој се бори против слободните радикали и го зајакнува природниот имунолошки систем на организмот, а истовремено го поддржува здравјето на коските и крвните садови. Други хранливи материи што ги содржат се витамините од групата Б, олеинската и палмитолеинската киселина (кои се особено корисни за намалување на ЛДЛ или „лошиот“ холестерол и зголемување на ХДЛ или „добриот“ холестерол), како и минерали како што се железо, калциум, фосфор, магнезиум, манган, цинк и калиум. Бидејќи се богати со калиум, а содржат малку натриум, костените се важен дел од исхраната на луѓето со кардиоваскуларни и бубрежни заболувања. Тие се и одличен извор на железо, што ги прави ефикасни во борбата против анемијата; згора на тоа, бидејќи лесно се варат, се препорачуваат за лица што страдаат од гастроинтестинални проблеми и нарушувања на дигестивниот тракт.

Симбол на есента

Како вистински симбол на есента, костенот – со својата нежна арома што потсетува на јаткасти плодови – совршено се вклопува во топлите и миризливи сезонски јадења. Во есенската кујна, тој е подеднакво вкусен во солени јадења, супи и десерти, каде што одлично се комбинира со чоколадо, зачини и овошје. Испробајте ги следниве рецепти со оваа есенска намирница:

Супа од костени со кокосово млеко

Состојки за 4 порции:

  • 400 г варени или печени костени
  • 1 главица кромид
  • 1 морков
  • 1 мал компир
  • 1 чешне лук
  • 750 мл зеленчуков бујон
  • 150 мл кокосово млеко
  • 1 лажица маслиново масло
  • Сол и црн пипер
  • Прстофат морско оревче
  • 2 млади кромитчиња (само зелените делови)
  • една шака крутони
  • Малку маслиново масло за послужување

Подготовка: Пропржете ги ситно исечканиот кромид, морков и лук на маслиново масло додека не омекнат. Додадете го исечканиот компир и костените. Прелијте со зеленчуковиот бујон. Гответе околу 20 минути, додека зеленчукот не омекне. Изблендирајте ја супата со рачен блендер, додадете го кокосовото млеко, зачинете со сол, пипер и морско оревче, па варете на тивок оган уште 2–3 минути. Послужете топло, посипано со крцкави крутони и сечкан зелен дел од млад кромид. По желба, додадете неколку капки маслиново масло.

Пилав со костени, суво грозје и пињоли

Состојки за 4 порции:

  • 300 г ориз „балдо“ (или друг вид ориз со кратко или средно зрно)
  • 150–200 г варени или печени костени, крупно исечкани
  • 2 лажици пињоли
  • 2 лажици суво грозје
  • 1 главица кромид со средна големина, ситно исечкана
  • 40 г путер
  • 1 лажица маслиново масло
  • 500 мл пилешка или месна супа (бујон)
  • 1 лажичка мелен пимент (јамајкански бибер)
  • ½ лажичка цимет
  • ½ лажичка црн пипер, сол
  • 1–2 лажици сечкан копар или магдонос

Подготовка: Исплакнете го оризот неколку пати додека водата не стане речиси бистра. Потопете го во топла солена вода 15–20 минути, а потоа добро исцедете го. Прелијте го сувото грозје со топла вода, оставете го да отстои околу 10 минути, па исцедете го. Во широка тава загрејте го маслиновото масло и половина од путерот; додадете ги пињолите и пропржете ги 1–2 минути, додека не добијат златна боја. Додадете го кромидот и пржете на умерена температура додека не омекне. Додадете ги сувото грозје, пиментот, циметот и црниот пипер. Кратко измешајте. Потоа додадете го исцедениот ориз и пржете го заедно со кромидот и зачините 3–4 минути; зрната треба да станат сјајни и малку проѕирни. Додадете ги костените и врелата супа, па посолете. Штом зоврие, намалете ја температурата на минимум, поклопете и гответе околу 15 минути без мешање. Исклучете ја ринглата и оставете го пилавот да отстои поклопен уште 10–15 минути. На крајот, додадете го преостанатиот путер и нежно растресете го оризот со виљушка. Посипете со магдонос или копар.

Тирамису со костени и чоколадо

Состојки за 4–6 порции:

  • 250 г маскарпоне
  • 200 г пире од костени
  • 2 лажици шеќер во прав
  • 150 мл слатка павлака
  • 150 г пишкоти
  • 150 мл силно кафе
  • 50 г темно чоколадо
  • 1 лажица какао во прав

Подготовка: Изматете ги маскарпонето, пирето од костени и шеќерот додека не добиете мазна смеса. Одделно, изматете ја слатката павлака и внимателно измешајте ја со претходната смеса. Накратко потопете ги пишкотите во изладеното кафе и наредете го првиот слој; премачкајте со половина од кремот и посипете со рендано чоколадо, а потоа повторете ја постапката со уште еден слој пишкоти и крем. Оставете го десертот да се лади најмалку 3–4 часа. Пред послужување, посипете со какао во прав и додадете уште малку рендано чоколадо. За поизразен вкус на костени, во кремот можете да додадете малку рум или ликер од костени.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk