Производството на вакцини во Дрезден ќе биде прекинато по 115 години, откако мултинационалниот фармацевтски гигант GlaxoSmithKline (GSK) го најави затворањето на погонот во центарот на градот до средината на 2028 година.
Портпаролот на GSK најави дека вакцината против грип во иднина ќе се произведува во погонот во канадскиот град Сен-Фоа, наведувајќи ги како причина послабата глобална побарувачка и вишокот производни капацитети.
Национализација во времето на Источна Германија
Во погонот во Дрезден се вработени речиси 650 луѓе. Го основал во 1911 година претприемачот Карл Аугуст Лингнер, кој се збогатил со производство на течност за плакнење уста, а во Дрезден ги основал Саксонскиот завод за серуми и Институтот за бактериотерапија.
Фабриката била национализирана во времето на Германската Демократска Република, а по обединувањето на Германија, производството во 1992 година го презела британската компанија SmithKline Beecham, денешен GSK.
Синдикатот IG BCE се спротивстави на затворањето на погонот, предупредувајќи дека сојузната покраина Саксонија би можела да изгуби висококвалификувани индустриски работни места, а Германија важно знаење и стручност во производството на лекови.
GSK во дрезденскиот погон произведува вакцини против грип и хепатитис. Според податоците на компанијата, во него секоја недела се произведуваат по два милиони дози вакцини.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата