Сакам да ги уверам граѓаните дека ќе имаме стабилна зима, со стабилно снабдување на енергенси, без осцилации во цената или количината, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Одговорајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на реновираната зграда на Клиниката за неврофизиологија, Мицкоски напомена дека Владата работи на тоа, од јануари цената на струјата да биде пониска или да продолжи евтината тарифа.
И во однос на гасот, премиерот не очекува какви било шокови, иако смета дека е можно во европски рамки цената двојно па дури и тројно да се зголеми.
- Зголемената цена на струјата е на берзите, не кај нас. Кај нас цената на електричната енергија што ја плаќаат граѓаните откако е оваа Влада не е покачена и така ќе остане. Работиме на таа проблематика и од јануари цената најмалу да остане иста, а работиме и на тоа да има поевтинување или продолжување на евтината тарифа. Ние навреме ги чувавме нашите акумулации, тие се сега некаде на 50 отсто, се ремонтираат или завршуваат ремонтите во термоенергетските постројки. Временската прогноза вели дека полната грејна сеозна би почнала меѓу 2-ри и 5 ноември, а до тогаш целокупните подготовки ќе бидат завршени иако веќе три четвртини се завршени, истакна премиерот.
Според него, Македонија навреме го потпиша Договорот со Косово околу јагленот со кој значително ќе се намали цената на чинење на произведениот мегават час електрична енергија во нашите производни капацитети.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата