logo
logo
logo

ЗА ПОТВРДА НА ОНЛАЈН ПЛАЌАЊЕ ЌЕ СЕ КОРИСТАТ М-ТОКЕН, ПИН-КОД ИЛИ ОТПЕЧАТОК НА ЛИЦЕ И ПРСТ

Vecer | 17.02.2026

ЗА ПОТВРДА НА ОНЛАЈН ПЛАЌАЊЕ ЌЕ СЕ КОРИСТАТ М-ТОКЕН, ПИН-КОД ИЛИ ОТПЕЧАТОК НА ЛИЦЕ И ПРСТ

Од 1 март 2026 година банките нема веќе да ги користат СМС ОТП кодовите  за потврда на оналјн плаќањето на корисниците, бидејќи се воведува нов начин на автентикација на корисниците (Strong Customer Authentication – SCA).

Македонската банкарска асоцијација (МБА) соопшти дека засилената автентикација (Strong Customer Authentication – SCA) ќе се користи кај платежни трансакции иницирани на далечина, и тоа: плаќања со платежни картички при електронска трговија, како и кредитни трансфери иницирани преку интернет-банкарство или мобилни апликации на банките.

Засилената автентикација се заснова на користење на најмалку два од три меѓусебно независни елементи: елемент на знаење – нешто што го знае корисникот (на пример, лозинка или ПИН), елемент на поседување – нешто што го поседува корисникот (на пример, мобилен уред, токен или платежна картичка), елемент на својство – нешто што е својствено за корисникот (биометриски податоци, како отпечаток од прст или препознавање лице).

Тоа значи дека досегашните начини на потврда на трансакции, како што се еднократни кодови доставени преку СМС или електронска пошта, кои се користат во рамки на постојните 3-D Secure решенија, ќе бидат заменети или надградени со посовремени и побезбедни механизми, во согласност со барањата на засилената автентикација.

МБА посочува дека секоја банка, согласно законската рамка и сопствените технички и организациски можности, самостојно ќе го дефинира моделот на засилена автентикација, односно комбинацијата на елементи што ќе ги применува, поради што начинот на автентикација и корисничкото искуство може да се разликуваат од банка до банка.

Во рамки на процесот на воведување на засилената автентикација, банките ќе ги информираат и едуцираат  своите клиенти за применуваните решенија, постапките за автентикација и практичните чекори при извршување на платежни трансакции, преку сопствените комуникациски канали.

-Воведувањето на засилената автентикација има за цел подигнување на нивото на безбедност на електронските плаќања, намалување на ризикот од неовластени трансакции и подобра заштита на корисниците на платежни услуги, при што електронските и дигиталните плаќања ќе продолжат да се извршуваат непречено, со дополнителен безбедносен чекор – велат од МБА.

Примената на засилената автентикација претставува значаен чекор во усогласувањето на платниот систем со европската регулаторна рамка, придонесувајќи кон зголемена сигурност, доверба и заштита на корисниците при користење на современите електронски платежни услуги. Македонската банкарска асоцијација, заедно со банките-членки, останува посветена на унапредување на безбедноста и стабилноста на платниот промет, како и на поддршка на процесите на дигитализација и модернизација на платежните услуги.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk