logo
logo
logo

МАКЕДОНСКИОТ РУБИН ДОБИВА СЕРТИФИКАТ И ЗАШТИТА од лажно претставување!

Vecer | 11.09.2026

МАКЕДОНСКИОТ РУБИН ДОБИВА СЕРТИФИКАТ И ЗАШТИТА од лажно претставување!

Македонскиот рубин треба да престане да биде само редок минерал со домашна приказна и да стане производ со јасно потекло, сертификат и препознатливост на меѓународниот пазар. Државата почнува да го гради системот што треба да одговори на неколку клучни прашања: кој смее да го ископува и обработува, од каде точно потекнува, како ќе се докажува неговата автентичност и кој ќе може да го продава како „Македонски Рубин“.

Деан Шкартов - Деко, промотор на Макдонскиот Рубин и министеркатаза енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска
Деан Шкартов - Деко, промотор на Макдонскиот Рубин и министеркатаза енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска

За таа цел е формирана посебна Комисија за македонскиот рубин, која ќе функционира под стручна надлежност на Геолошкиот завод, а во процесот се вклучени и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Државниот завод за индустриска сопственост.

Со тоа, досегашната правна заштита треба да прерасне во систем што ќе ја следи целата патека на рубинот – од неговото ископување, преку обработката, до моментот кога ќе се појави на пазарот.

Една од првите задачи ќе биде воспоставување систем за сертифицирање. Тоа практично треба да значи дека каменот што ќе се продава како македонски рубин ќе има доказ за своето потекло и автентичност, наместо називот да може слободно да се користи без јасна контрола.

Планирано е и создавање каталог и регистар на овластени производители и обработувачи, како и евиденција за количините и движењето на рубинот. Истовремено треба да се утврдат стандарди за обработка, означување и презентација, со цел да се спречи други минерали или производи да бидат претставувани како македонски рубин.

„Со заштитата на македонскиот рубин направивме историски чекор, но со тоа работата не завршува. Сега започнува следната фаза – да воспоставиме систем кој ќе гарантира дека кога некој ќе купи македонски рубин, навистина знае дека станува збор за рубин со потекло од Македонија, кој е сертифициран, евидентиран и заштитен“, изјави министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.

Овој систем треба да има и економска функција.

Доколку потеклото и квалитетот се јасно дефинирани и контролирани, македонскиот рубин би можел да добие значително посилна позиција како специфичен домашен производ, наместо неговата вредност да се сведува само на геолошката реткост. Сертификацијата, брендирањето и следливоста се механизми со кои државата се обидува од природниот ресурс да создаде производ со поголема додадена вредност.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk