Крвав напад утрово го потресе средното електротехничко училиште во Загреб, каде што маскиран ученик со остар предмет нападнал друг ученик и хигиеничарка. Полицијата веднаш реагирала и го уапсила напаѓачот, а според неофицијалните информации, тој во нападот користел долг нож или мачета. Хрватските медиуми пренесуваат дека во училиштето настанала паника по инцидентот, додека повеќе детали за нападот и состојбата на повредените се очекуваат од надлежните институции.
Индекс пренесува дека зад нападот стои конфликт што вчера настанал меѓу двајцата ученици од прва година. За време на расправијата, напаѓачот отворено му се заканил на својот врсник, порачувајќи му „да внимава“, а утрово, нешто по 8 часот, тој пристигнал во училиштето вооружен и со фантомка на главата, со јасна намера да ја спроведе заканата во дело.
Учениците што утрово се собраа пред училишната зграда на улицата „Конавоска“ раскажале како напаѓачот со фантомка на лицето влегол во училиштето и веднаш се упатил кон ученик со кого претходниот ден имал судир. Кога тој со нож се впуштил кон својата цел, една од хигиеничарките во училиштето притрчала на помош, обидувајќи се да го спречи и да го заштити момчето, но напаѓачот ја нападнал и неа.
Повредените биле пренесени во болница со возило на брза помош и засега не се знае каква е нивната состојба. Напаѓачот во моментов е под полициски надзор. Учениците што излегуваа од зградата истакнаа дека единственото лице задолжено за безбедност на влезот била една постара жена, која немала никакви шанси против вооружениот и маскиран млад човек.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата