Две и пол годишно девојче е спасено откако било извлечено од морето во бесознание на плажата Полихроно на Халкидики. Благодарение на брзата интервенција на двајцата дваесетгодишни спасувачи, Атина Хормиду и Танос Иконому, детето било успешно реанимирано. Инцидентот се случил вчера на пладне, кога плажата била преполна со капачи.
„Не знам кој го извлече девојчето од морето. Еден колега доби информација дека детето е во опасност; тој веднаш истрча и ме извести преку радио-врска. Ја зедов опремата и боцата со кислород, истрчав до местото на несреќата и истовремено повикав брза помош“, рече Атина.
Без да губат време, таа и нејзиниот колега започнале со кардиопулмонална реанимација
„Јас вршев реанимација, додека Танос ѝ ја објаснуваше точната локација на екипата за итна помош. Реанимацијата ја спроведовме трипати. Еден човек даваше вештачко дишење, а кога се подготвувавме да го употребиме дефибрилаторот, девојчето почна да повраќа и да плаче. Тогаш сфативме дека е живо и дека успеавме“, изјави Атина.
Според неа, девојчето било „вратено во живот благодарение на реанимацијата“.
На местото на настанот биле присутни и родителите на девојчето, кои со неверување ја следеле борбата за нејзиниот живот, како и двајца волонтери од организацијата „Kids Save Lives“, кои помогнале во спасувањето.
„Девојчето беше веднаш до брегот, на местото каде што се кршат брановите. Кога ја видовме, веќе ја беа извлекле на плажата. Беше студена, помодрена, а очите ѝ беа отечени“, изјави Атина.
Атина Хоромиду е учесник во обука за спасувачи на вода и втора година работи како спасувач.
Таа вели дека токму квалитетната обука ѝ помогнала да остане присебна во таква драматична ситуација.
„Сè правиме автоматски, без размислување. Дури подоцна сфаќаш што всушност се случило. Кога девојчето дојде при свест, колегата и јас бевме пресреќни. Најубавиот момент беше кога се враќавме кон нашите кули, а луѓето на плажата ни аплаудираа. Тоа беше неверојатно чувство“, рече таа.
Таа додаде дека вистинскиот шок дошол дури кога се вратила дома по смената.
„Тогаш сфатив дека неколку минути сме држеле во рацете две и пол годишно девојче кое не покажувало никакви знаци на живот. За среќа, сè заврши добро“, рече Хоромиду.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата