Жените во Србија од 1 јануари 2027 година ќе можат да остварат право на старосна пензија со наполнети 64 години и два месеца и најмалку 15 години осигурителен стаж. Тоа е зголемување за два месеца во однос на условите што важат во 2026 година, соопшти Републичкиот фонд за пензиско и инвалидско осигурување.
За мажите условите остануваат исти: 65 години живот и најмалку 15 години осигурителен стаж. И жените и мажите можат да се пензионираат со 45 години осигурителен стаж, независно од возраста.
Вработените што сакаат да се пензионираат според условите за 2026 година треба да го прекинат работниот однос најдоцна до 30 декември, а барањето да го поднесат до 31 декември. За барањата поднесени од 1 јануари ќе важат условите за 2027 година.
Старосната граница за жените ќе продолжи да се зголемува за по два месеца годишно до 2032 година, кога ќе се изедначи со границата за мажите — 65 години, со најмалку 15 години осигурителен стаж.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата