logo
logo
logo

КОЛАПС НА ЕВЗОНИ: Пад на ИТ-системот и биометриските контроли, Атина итно бара чаре!

Vecer | 02.06.2026

КОЛАПС НА ЕВЗОНИ: Пад на ИТ-системот и биометриските контроли, Атина итно бара чаре!

Краток пад на ИТ-системот од грчка страна бил меѓу главните причини за енормните гужви и повеќечасовниот застој на граничниот премин Богородица/Евзони за време на изминатиот празничен викенд, објави „Телеграф“. Најкритичен бил периодот меѓу 6 и 8 часот наутро, а снимките од блокираните автомобили и револтираните туристи кои со часови чекаа на сонцето предизвикаа сериозна загриженост кај илјадници патници пред почетокот на главната сезона.

Хаосот на Евзони веднаш го вклучи алармот кај грчките власти, кои одржаа итен состанок во Солун. Заменик-министерот за внатрешни работи задолжен за регионите Македонија и Тракија, Константинос Гулекас, предупреди дека новата европска регулатива (ЕЕС) бара задолжителна биометриска проверка за секој патник што влегува или излегува од земјата, што креира дополнителни доцнења. Воедно, грчкиот министер за заштита на граѓаните, Михалис Хрисохоидис, призна дека веќе пристигнале официјални поплаки од неговите колеги од Македонија и Србија поради револтот на граѓаните, посочувајќи дека проблемот лежи во комбинацијата меѓу новите ЕУ правила и застарената инфраструктура на грчките премини.

За да се спречи целосен колапс во шпицот во јули и август, Атина веќе разгледува конкретни решенија на терен. Меѓу опциите се поставување модуларни кабини со терминали пред пасошката контрола каде патниците самостојно ќе ги внесуваат биометриските податоци, отворање привремени контролни пунктови и дополнителни ленти, како и воведување мобилни терминали за проверка додека возилата сè уште чекаат во колона.

Додека се чека реализацијата на овие мерки, туристичките работници советуваат да се избегнува пристигнување на граница во сабота наутро и наместо тоа да се патува во ноќните часови. Како одлични алтернативи за преминот Евзони се препорачуваат граничниот премин Дојран, кој е значително порастеретен, потоа преминот Меџитлија/Ники кај Битола за оние кои патуваат кон Јонското крајбрежје, како и рутата преку Бугарија за дестинациите во Источна Грција и островот Тасос.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk