ОТКРИЕНО ШТО ПИШУВА ВО ПРИСТАПНИОТ ДОГОВОР ЗА ЦРНА ГОРА

Vecer | 23.11.2026

ОТКРИЕНО ШТО ПИШУВА ВО ПРИСТАПНИОТ ДОГОВОР ЗА ЦРНА ГОРА
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Иако официјална Подгорица е на чекор до остварување на историската цел и затворање на сите преговарачки поглавја, влезот на Црна Гора во Европската Унија нема да изгледа како пристапувањето на која било досегашна членка. Наместо полн капацитет на одлучување од првиот ден, најмладата членка ја очекува своевиден десетгодишен „приправнички стаж“, со можност за продолжување за уште пет години, во текот на кој нејзиното право на глас и вето ќе биде под постојан надзор на Брисел, пишува „Блиц“.

Овој нов модел, осмислен за да се спречат внатрешни блокади во европскиот блок, го претвора пристапниот договор на Црна Гора во својствен тест за иднината на целата политика на проширување, а неговата суштина лежи во поуките што ЕУ ги извлече од повеќегодишните спорови со Унгарија и владата на Виктор Орбан, која во повеќе наврати го користеше правото на вето за да блокира клучни надворешнополитички и финансиски одлуки.

За да се избегне повторување на таквото сценарио со новите членки, Европската комисија иницираше воведување строги заштитни механизми во Поглавјето 35 од пристапниот договор, со што Црна Гора по влезот формално би имала право на глас, но истото би можело привремено да ѝ биде суспендирано доколку се процени дека сериозно го крши владеењето на правото или ги опструира заедничките одлуки. Според пишувањето на бриселскиот портал „Политико“, иако Комисијата првично предлагала пробен период од дури 15 години, внатре во Унијата е постигнат компромис по иницијатива на Ирска, која претседава со Советот на ЕУ - амбасадорите на земјите-членки начелно поддржале скратување на тој рок на десет години со опција за петгодишно продолжување, откако земји како Италија и групата „Пријатели на Западен Балкан“ предупредиле дека надзор долг деценија и пол тешко може да се нарече привремена мерка. Истиот извор нагласува дека одлуката за евентуална суспензија на правото на глас ќе се носи со квалификувано мнозинство, што во пракса значително го олеснува активирањето на казнените механизми во споредба со постојниот член 7, при што во дебатата за прецизирање на условите дел од членките бараат да се вклучи и кршењето на принципот на „искрена соработка“, додека земјите наклонети кон кандидатите предупредуваат дека станува збор за преширок и субјективен поим што би можел да послужи за политичко дисциплинирање на помалите држави кога ги бранат своите национални интереси.

Официјална Подгорица во јавноста испраќа пораки на дипломатски оптимизам, додека зад затворени врати води интензивна дипломатска офанзива. Премиерот Милојко Спајиќ оцени дека откажувањето на Брисел од идејата на новите членки веднаш по приемот да им се одземе правото на вето е важна победа, порачувајќи дека Црна Гора не стравува од заштитните механизми бидејќи е искрено посветена на европските вредности. Сличен тон задржа и министерката за европски прашања Маида Горчевиќ, истакнувајќи дека тие клаузули се гаранција за стабилност и нема да го забават планот преговорите да завршат до крајот на оваа година, а пристапниот договор да се потпише до јуни 2027 година, иако дипломатски извори посочуваат дека црногорските преговарачи активно лобираат кај пријателските земји критериумите за суспензија да бидат строго објективни и јасно дефинирани. Од друга страна, дел од опозицијата и граѓанскиот сектор во Црна Гора предупредуваат дека прифаќањето десетгодишен надзор претставува преседан каков што ниту една поранешна членка, од Словенија до Хрватска, не морала да помине, а и известувачот на Европскиот парламент за Црна Гора, Марјан Шарец, ја оцени идејата за пробен период како неправедна кон државата што најдалеку стигнала во реформите.

Покрај институционалниот надзор, влезот на Црна Гора носи и низа други специфичности: како најмала држава по број на жители што пристапува во Унијата по Малта, таа ќе има минимален број пратеници во Европскиот парламент и ограничено влијание при гласањето со квалификувано мнозинство, каде што се зема предвид и процентот на населението, а како единствена земја-кандидат што повеќе од две децении го користи еврото без да биде дел од еврозоната, во моментот на пристапување ќе ѝ биде потребен и посебен правен и финансиски аранжман со Европската централна банка. Доколку сè се одвива според планот и Црна Гора стане членка во 2028 година, таа ќе биде првата држава што ќе влезе во европското семејство под посебен надзор, при што останува отворено прашањето дали Поглавјето 35, кое досега служеше за специфични прашања како нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина, ќе постане нов траен стандард за сите идни членки од Западен Балкан и Источна Европа.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk